Стојанов: Пандемијата ќе трае уште долго, бидејќи самите не внимаваме

Сподели

 

Изминатава година ништо не научивме ако го погледнеме бројот на ковид-случаи и на рестриктивните мерки кои повторно ќе бидат на сила. Ситуацијава покажува дека залудни се сите мерки бидејќи не сфаќаме дека не треба во гужви да влегуваме, во трговски центри, во автобуси, во станови и во куќи, вели д-р Александар Стојанов, епидемиолог и поранешен директор на Центарот за јавно здравје. Според него, треба до есен да се вакцинира 50 отсто од населението, за да може попозитивно да се гледа на целата ковид-ситуација во државата.

„Однесувањето на луѓето цела година е исто, не сакаат да се затворат, сакаат да си се комотни и слободни. Паметен човек учи од грешките на другите, глупавиот од своите, но во ситуацијава ни од своите грешки не учиме. Сите во семејствата или во опкружувањето имаме слуачи и на заболени и смртни случаи и повторно „по старо“ се однесуваме. Ова ќе трае уште долго. Една година помина, а повторно истиот муабет го слушаме за негрупирање. Секоја мерка која оди во прилог на негрупирање е добра, но не е доволна. Оваа болест направи голема економска криза во здравството, во угостителството. Тие луѓе што лежат по болници некој треба да ги лечи со пари. За да се купат вакцини, исто така треба субјектите да работат за да го полнат буџетот. Не може со кредити да се функционира цело време. Играме цело време дали е поважно здравјето или економијата, а не може да се исклучи едното од другото“, смета д-р Стојанов.

Полицискиот час од 22 до 5 часот кој ќе започне да се применува од вечерва, според Стојанов не е доволна мерка. Тој смета дека се потребни уште поголеми мерки.

„Потребно е да се затвори сè, и да се сведе сè на основните потрепштини. Да работат само продавниците за храна, аптеките и бензиските пумпи. Најголемиот проблем според мене е немањето вакцини. Додека почне населението да се вакцинира, ќе пројде време. Во април или мај ако дојдат вакцините, треба да дојдат во задоволителен број. Досега се пријавени 120.000 лица кои сакаат да се вакцинираат, а тоа е капка во однос на еден милион и шестотини илјади лица население. А потребно е да се вакцинираат 50 отсто миниум за да има ефект вакцинацијата на државно ниво. Ако можеме до есен да ја завршиме вакцинацијата, тогаш можеме да гледаме малку попозитивно на состојбата. Целта е да се вакцинираат што повеќе луѓе за што покусо време, тоа е правило за било која епидемија, бидејќи во таков случај нема да има време да мутира вирусот и нема да опстане“, појаснува Стојанов.

Изминатава година, научивме, како што вели, дека не сме мрднати од место.

„Однесувањето е сè уште истото, дали се погреби, дали се забави. Никој не сака рестрикции, но овде ептен за глава се работи. Дваесет и двајца починати имавме вчера. Хрватска е двојно поголема од нас, а имаат двојно помали бројки. Цела Европа ги зголемува рестикциите, но да имаме на ум дека Германија даде 50 милијарди евра за своето стопанство. Ние тие пари ги немаме“, додаде докторот.

мета.мк