Талески во куќен притвор, одлучи Кривичниот совет

Сподели

Vladimir-Taleski

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја преиначи одлуката на судијата и му одреди куќен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој е првоосомничен во случајот „Транспортер“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), соопшти попладнево Кривичниот суд.

Претходно, на Талески, кој беше на распит во судот во понеделникот, оваа недела, му беше одземен само пасошот иако СЈО за него бараше притвор.

Како што информираат од судот, жалбата на СЈО и на Талески на одлуката на судијата на претходна постапка, Кривичниот совет ги отфрлил како неосновани, но го преиначил решението и одредил куќен притвор.

„Решението на судијата на претходна постапка од 13.06.2016 година по повод предлогот на СЈО за определување на мерка притвор за лицето В.Т. се преиначува и се определува мерка куќен притворво траење од 30 дена сметано од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во член 165 став 1 точка 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка. Истовремено се забранува осомничениот В.Т. да го напушти своето живеалиште без дозвола од судот, а доколку осомничениот не се придржува на забраната, против истиот ќе се определи мерка притвор“, стои во соопштението од судот.

Надзорот ќе го спроведува битолската полиција чии службеници во одредени временски интервали, ненајавено во текот на 24 часа, ќе проверуваат дали Талески е во својот дом.

„За секое непочитување на решението од страна на осомничениот се задолжува надлежна полициска станива веднаш да го извести Основен суд Скопје 1 -Скопје“, додаваат од судот.

Против решението на Кривичниот совет дозволена е жалба до Апелацискиот суд во рок од 24 часа до Апелацискиот суд Скопје.

Талески и уште 22 лица, осомничени во случајот „Транспортер“ се товарат за злоупореби со превозот на ученици во Битола.

Талески во куќен притвор, одлучи Кривичниот совет