Традиционална манифестација „Среќна Баба Марта 2020“

Сподели

 

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2020“ по седми пат ќе биде отворена на 26 февруари во 12 часот на првиот кат во трговскиот центар „Капитол мол“ во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „ХАЕМУС“, а манифестацијата претставува дел од активностите поврзани со признавањето на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.

Настанот ќе биде отворен до први март и покрај оригинални рачно изработени амајлии од Македонија, Бугарија и Романија, постановката ќе биде збогатена и со едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и креативна работилницa за деца.

– Статусот којшто УНЕСКО му го додели на ХАЕМУС како носител на обичајот „Мартинки“ кој е светско културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО е огромна одговорност за нас како граѓанска организација. За таа намена беше креиран долгогодишниот проект „Денот на Баба Марта“ преку кој покажуваме дека ги почитуваме верувањата и обичаите поврзани со мартинките и ги негуваме во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција, едукација и популаризација – вели Василка Димитровска, директор на „ХАЕМУС“.

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2020“ се прави со поддршка од Министерството за култура, град Скопје, Капитол Мол и приватни донатори, под мотото на УНЕСКО за Отворени Образовни Ресурси.