Во акција на турските разузнавачки служби, во Судан е уапсен Мехмуд Чакмаз, кој е осомничен дека е водечки финансиер на организацијата на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен.
Турските и суданските безбедносни служби соработувале во апсењето на Чакмаз и неговата екстрадиција во Турција, јави агенцијата Анадолија.
Не е наведено кога се случило апсењето на Чакмаз. Според Анадолија, турската служба МИТ формирала посебна екипа за апсење на соработниците на Ѓулен, кои живеат во странство.
Турција воедно бара екстрадиција на десетици осомничени ѓуленисти, како и на самиот Ѓулен, кој живее во САД.
Анкара ја обвинува организацијата на Ѓулен дека е одговорна за обидот за државен удар во 2016 година, при што загинаа над 200 лица, а неколку илјади беа ранети.