Вештачката интелигенција ги промени работите од корен – Харолд Џејмс

Сподели

 

Досегашниот технолошки развој имаше големо влијание на промена на однесувањето на луѓето, а сегашниот брз развој на вештачката интелигенција ќе им даде целосно нова форма на суштинските општествени и политички верувања кај луѓето, вклучително и убедувањата кои се однесуваат на поставеноста и улогата на државата. Пример за ова е употребата на автономно оружје во воени судири, пишува Харолд Џејмс за Республика.

Харолд Џејмс

Брзиот напредок на вештачката интелигенција не само што ги менува нашите досегашни сфаќања на работата туку таа исто така ја менува и суштината на човечкиот идентитет. Со оглед на тоа што претходниот технолошки развој го промени човечкото однесување и изглед, вештачката интелигенција фундаментално ќе ги преобликува основните општествени и политички убедувања на луѓето, вклучително и убедувањата кои се однесуваат на поставеноста и улогата на државата.

За време на индустриската револуција од деветнаесеттиот век, механичката моќ (која главно потекнуваше од согорување на јаглерод) беше замената за енергијата на човекот и животните и која треба да се користи во трансформирањето на природата и во производството на индустриски и потрошувачки добра. Како што револуцијата созреваше во текот на дваесеттиот век, тешката физичка работа остана да биде присутна само кај сè помала и помала група на занимања.

За да добиеме претстава за тоа како изгледала работата пред да се случи индустриската револуција, да ги земеме како пример лицата кои местат кровови, кои денес сè уште се исцрпени и изнемоштени поради непријатната и неприродна местоположба и позиција на нивното тело при работа. Кај нив сè уште е присутно она што генерално постоеше насекаде во текот на дваесет и првиот век. Имено, работниците кои произведувале автомобили на почетокот на дваесеттиот век мораа постојано да се наведнуваат за да ги земаат алатките, да креваат тешки предмети и да користат огромни количества енергија. Нивните колеги од почетокот на дваесет и првиот век сега гледаат во мониторите и следат што прават роботите кои сега ги имаат преземено тешките физички задачи. Како што ваквиот начин на работа исчезна, така работниците стануваа сè послаби но истовремено и сè поздрави. Оние кои сакаат да ја запазуваат својата физичка сила и форма сега одат во теретана.

Информациско-технолошката револуција претставуваше уште еден чекор напред во овој развој на човештвото. Со оглед на тоа што машините сега преземаат се поголем број на когнитивни задачи, компјутерите се тие кои сега ги следат роботите кои ја вршат физичката работа. Со елиминирањето на мисловната работа (како што се сложените математички пресметки кои продавачите мораа да ги прават), истата стара шема се задржа и понатаму: голем број на луѓе престанаа да размислуваат на работата и ја таа енергија ја пренасочија на крстозбори, судоку или зборле.

Денешнава револуција оди многу подалеку, бидејќи влијае на тоа како се конципира колективната активност. Ваквкиот развој на настаните можеби најубаво може да се забележи во воените сили, но исто така има импликации и за политичкото учество, па дури и нашето разбирање за тоа што претставува легитимната власт.

Дваесеттиот век се карактеризираше со најразорните војни кои досега се случиле во историјата на човештвото, кои, пак, произведоа нов импулс за демократизација. Со оглед на тоа дека војниците и нивните семејства требаше да добијат награди за нивната пожртвуваност и служба, двете светски војни доведоа до продолжување на она што веќе се случуваше. Класичниот политички либерализам беше на став дека од луѓето не треба да се очекува да ги „жртвуваат“ своите животи за одреден политички ентитет, освен ако тие имаат некаков удел во тоа прашање.

Сепак, технологијата нуди начин да заобиколи овој процес. Низ целиот свет, од писменото населени во градовите повеќе не се очекува да се вклучат во бруталната страна на она што го прави човекот. Да ја земеме предвид Русија. Рускиот претседател Владимир Путин се потпира на полусамостојни платенички групи, периферни групи на луѓе па дури и на затвореници за да ја води својата војна во Украина, бидејќи знае дека населението на Москва и Санкт Петербург физички и, уште поважно, психолошки, не е соодветно за таа задача.

Се разбира дека ова не е некој нов проблем. Пред да се случи Првата светска војна, воените команданти во големите европски земји си го поставувале прашањето на кој начин ќе можат да распоредат големи армии, имајќи предвид дека современиот индустриски живот направил многумина од регрутите да бидат физички неспособни за воена служба. Во денешно време, лицата од воениот сектор сè уште ја имаат истата дилема. Во 2017 година, Пентагон процени дека 71% од младите Американци (на возраст од 17 до 24 години) не биле способни за служба, а оттогаш досега овој удел се зголемил на 77%. Но, тие сега имаат технологии кои претходните генерации едвај можеле и да ги замислат. Војната ја преземаат беспилотни уреди, како што се автономните беспилотни летала, исто како што тоа беше случај со индустриската и канцелариска работа во изминатите периоди.

За да ги разбереме политичките последици од автоматизацијата на војната, само замислете како целото општество се има променето во модерново време. Во средниот век, луѓето генерално биле поделени на три сталежи: oratores, bellatores, laboratores – оние кои говореле или се молеле (свештенството); оние кои се бореле (аристократијата); и останати, кои, всушност, извршувале некаква форма на физичка работа.

Благодарение на нивниот борбен капацитет, аристократијата конечно можела да бара огромна политичка моќ. Но, откако престанале да се борат и се повлекле во своето дворско живеење, легитимноста на нивното владеење исчезнала како магла. Бројните армии што следеа по избувнувањето на Француската револуција, војната стана демократизирана, а истото тоа се случи и со политиката. Но, сега кога војната се води преку технологијата, моќта повторно се оддалечува од луѓето.

Што ќе биде со преостанатите групи во општеството? Исто како што Индустриската револуција ја намали потребата од laboratores, револуцијата на вештачката интелигенција ги прави луѓето непотребни во воената сфера. Исто како и laboratores пред нив, машините се сега тие кои стануваат bellatores. Така, ни остануваат oratores, кои имаат задача да го зачуваат она што сè уште е типично човечко.

Дали и тие се ранливи на вишокот кој се случува и на евентуалното егзистенцијално уништување предизвикано од технологијата? Споделувајќи го истиот страв, некои критичари и технолошки лидери повикуваат на „пауза“ во развојот на вештачка интелигенција. Но, технологијата никогаш не застанала само затоа што така сакале некои луѓе.