Во февруари ќе се знае кој ќе го чисти линданот во ОХИС

Сподели

 

До крајот на фебруари треба да се знае која компанија ќе го чисти отровниот линдан од малата депонија во ОХИС.

„Во тек е прелиминарна евалуација на документацијата од пристигнатите апликации на пријавени фирми, по што ќе следува техничка евалуација, во тек на која ќе се разгледуваат технолошките решенија за чистење на линданот на понудувачите, за на крајот да следува и финансиска евалуација, каде ќе бидат „пеглани“ и цените од кои ќе зависи колку ќе чини целиот зафат“, вели Александар Мицковски од Канцеларијата за ПОПС на Министерство за животна средина и просторно планирање.

Во тимот за евалуација се вклучени претставници од УНИДО, од Министерството, како и странски експерти. Од МЖСПП не можеа да дадат попрецизни информации околу конечното чинење на целиот зафат, но, со оглед дека голем дел од исчистениот отпад на линданот, инаку пестицид произведуван во некогашниот хемиски гигант ОХИС, треба да се уништи со согорување, а дека цените на услугите на постројките за инсенерација на хазарден отпад во Европа се повисоки од порано, сумата најверојатно ќе се движи помеѓу шест и седум милиони долари.

Чистењето на малата депонија со линдан во дворот на хемиската фабрика крај Скопје, како што пишуваше „Мета.мк“, треба да биде и своевиден тест за најдобра технологија за чистење и на големата депонија што се наоѓа во близина. Се проценува дека околу 30 илјади тони линдан помешан со загадена почва сега се наоѓа во кругот на ОХИС. Од моментот кога било забрането неговото производство и употреба, во 1977 година, што било причина залихите да се депонираат, а потоа и да се препуштат на негрижата, линданот веќе околу четири децении труе илјадници жители на скопската котлина.

 

meta.mk