Во налетот на ураганот Ирма најмалку осуммина загинати

Сподели

Најмалку осум лица загинаа, а десетици се повредени на француските карипски острови Свети Мартин и Свети Вартоломеј, кои вчера ги погоди ураганот Ирма, пренесува Anadolu Agencu (AA).

Францускиот министер за внатрешни работи, Жерард Коломб, изјави дека најмалку 23 лица се повредени и дека бројот на настрадани би можело да биде значително повисок.

Ураганот ги опустоши островите низ Карибите, оставајќи зад себе само урнатини.

Како што јавува BBC (Би-би-си), малиот остров Барбуда останал речиси непогоден за живеење , а oстровот Свети Мартин е скоро уништен.

Во меѓувреме, зајакнаа две бури кои би можеле да се претворат во урагани.

Ураганот Ирма од категорија пет, највисока на скалата со којашто се мери силата на ураганите, го зафати Порторико, соопшти американскиот Национален центар за урагани.

Над три милиони жители на Порторико останаа без електрична енергија, а прекинот би можел да трае со денови.

Ураганот се приближува кон Британските Девствени Острови и кон Доминиканската Република, а ѝ се заканува и на американската сојузна држава Флорида.

Силниот ураган Ирма, пропратен со ветришта со брзина од 295 километри на час, вчера првин ја погоди островската држава Антигва и Барбуда.

„Апсолутна катастрофа. Островот е буквално под вода. Всушност, како што стојат работите Барбуда е речиси непогодна за живење“, рече премиерот на државата Гастон Браун.

Антигва, која ја населуваат околу 80.000 жители, ја избегна катастрофата.

Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во Флорида, Порторико и Американските Девствени Острови.

Жителите на Флорида масовно се снабдуваат со храна и вода во случај ураганот да го погоди копното. И на Карибите населението побрза во продавниците за да обезбеди основни намирници. Аеродромите на неколку острови веќе се затворени, а јавните засолништа се отворени.

Станува збор за најсилниот досега регистриран ураган во Атлантскиот Океан. Ирма се заканува да биде втор силен ураган кој ќе го погоди брегот на САД, откако минатата недела ураганот Харви ја погоди сојузната држава Тексас, и предизвика огромна штета на градот Хјустон, четвртиот по големина град во САД, земајќи десетици животи.