Водата во Охридското eзеро може да се користи за капење

Сподели

 

Водата во Охридското eзеро на потегот на плажите „Лабино”, „Градска плажа-Мизо” и „Партизан” е од втора категорија, што значи дека може да се користи за капење, спорт и рекреација. Ова го утврдиле последните анализи за проверка на физичкиот, хемискиот и микробиолошкиот квалитет на површинската езерска вода, кои ги изврши Центарот за јавно здравје од Охрид.

„Во јуни имавме појава на загадување на делот кај одморалиштето „Партизан“, вршени се последователни неколку анализи. Најновите анализи што ги правевме, две последователни на 15 и 17 јули, водата е исправна за капење, спорт и рекреација и од плажа „Мизо“ и од одмаралиште „Партизан“ и целиот поширок појас. Каде што беше од трета класа, сега водата е втора класа и може да се користи. За ова се известени инспекциските служби за да постапат по однос на воведената забрана, се надевам тоа да се реши деновиве. Делот кај река Грашница е повторно загаден, таму водата е од трета класа, но тој потег не се користи за капење. Во останатиот крајбрежен дел водата е од прва и втора класа“, рече директорот на ЦЈЗ, Сашо Точков.

Подобрувањето на квалитетот на езерската вода се должи и на активниостите кои ги презедоа службите на МЈП „Прокава” за зголемување на протокот на вода, со удвојување на капацитетот на препумпните станици кај Далјан и Подмоље, до 400 литри на вода во минута. Исто така, извршени се и санации на дел од полжните пумпи, а со помош на службите на ЈП „Нискоградба” извршено е и чистење на секундарната канализација во потегот на крајбрежјето кај Грашница.

Во текот на понатамошниот период, постојано и тековно ќе бидат преземени активности за нормално функционирање на колекторскиот систем во овој потег на Охридското крајбрежје, со цел да не се повтори состојбата со загаденост на езерската вода, која беше евидентирана во првата половина на месец јули.