Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денес во Виена пред Постојаниот совет на ОБСЕ ја презентираше програмата на претседавањето на Северна Македонија со најголемата светска регионална безбедносна организација.
Под слоганот „За луѓето се работи“ претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година ќе биде фокусирано на луѓето, „кои ќе бидат силата што ќе нè води во годината што претстои“, најави пред присутните Османи.
„Наша должност е да реагираме денес. За луѓето. Тие ја бараат нашата поддршка. Тоа е темелот на нашата организација. ОБСЕ е впрочем и создадена заради оваа конкретна причина и визијата на нашето претседателство во суштина лежи во сржта на мисијата на ОБСЕ“, потенцираше Османи.
Министерот Османи истакна дека претседателството ќе се стреми кон засилување на на теренската работа, што претставува значаемн предуслов за подобрување на животот на луѓето, кои се крајни корисници на активностите на ОБСЕ. Северна Македонија ќе ја промовира, поддржува и ќе ја засили работата на ОБСЕ на терен, ќе вложи напори да ја подобри координацијата и заедничката одговорност во реализацијата на активностите, неопходни во донесувањето позитивни промени, најави Османи.
„ОБСЕ има докажани резултати од своето делување во различни региони. Овде зборувам за искуството на нашата земја. Како земја домаќин на теренска мисија на ОБСЕ, нашата земја може е комептентна да посведочи за придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Уверен сум дека и другите земји домаќини на теренски мисии на ОБСЕ го делат ваквото мислење. Затоа, не треба да чуди податокот дека приоритетот на нашето претседателство со организацијата е ставањето фокус на луѓето“, потенцираше Османи.
Приоритет на претседавањето на Северна Македонија ќе биде хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност, со акцент на ситуацијата во Украина најави Османи.
„Украина ќе остане наш главен приоритет. Агресијата мора да престане. Опустошувањето и убивањето на цивилно население се неприфатливи. Вознемирувачки е да се гледа како луѓето страдаат. Последиците и цената од оваа војна за регионот на ОБСЕ и пошироко се жалосни и неподносливи“, порача Османи.
Османи во својство на претседавач со ОБСЕ истакна и дека регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти ќе бараат континуирано внимание. Тој порача дека треба да се задржат суштинските функции и дејности на Организацијата, водејќи сметка таа да биде способна да им обезбеди поддршка на ранливите региони и да остане флексибилна во справувањето со предизвиците.
„Во претстојнава година ќе се фокусираме врз обезбедување поддршка за една функционална и флексибилна ОБСЕ, нудејќи разновиден комплет на алатки кои би помогнале за обновување на мирот и безбедноста, спречување на конфликти и промовирање на соработка низ регионот на ОБСЕ, како и промовирање на човековата безбедност преку обезбедување поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка“, рече Османи.