Силјановска: За правните небулози и заплашувањата

Сподели

“Вчерашниот ден не беше само крунисан со ентузијазмот на граѓаните, кои масовно излегоа да дадат потпис за поддршка на претседателската кандидатура, туку и ден на недолични инсинуации и лични дисквалификации од политичките ривали и неистомисленици кои се обидуваат да ја запрат енергијата меѓу граѓаните која се заканува да ги порази. И сето тоа поради еден збор употребен во мојот повик кон граѓаните од кои барав поддршка – самослик (selfie). Поради тоа, ценам дека морам да одговорам на прозивките и клеветите.

Какво (не)знаење на изборната материја, каква злонамерна (не)научна интерпретација на кривичното право!? Повикот за потпис во знак на подршка на кандидатурата и постирањето селфи и хаштаг #сепотпишавзаправоиправда, алатки масовно практикувани во кампањата на Обама, Сандерс и на Трамп, имаше за цел ослободување на македонските граѓани од стравот и нивно мобилизирање за промени. Искрено, идејата за самослик оригинално дојде од младите и „дрски“ членови на мојот тим. Тие сметаа дека на ваков начин повикот ќе стаса до нивните врсници и ќе ги анимира по пат на идентификацијата со нашата основна цел. Од друга страна, ова требаше да креира порака и до „противниците“, во вид на најава за незапирливото надоаѓањето на реката граѓани одлучни да поттикнат промени. Овој модерен пристап не може никако да се воведе во врска со срамното сликање на гласачките ливчиња, како доказ за војничка лојалност кон партијата, како што тоа го импутираат противниците. Овде не станува збор за некаква повреда на тајноста на избирачкото право или на изборниот материјал. Повикувањето на кривична одговорност, врз основа на член 160, според кој: „ тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе го спечи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор од најмалку три години“ е правна небулоза.

Се прашувам: како поединец како мене, кој ниту е избран или именуван на функција, ниту пак има пристап кон механизми на принуда и/или контрола на граѓаните, може да изврши притисок или да наведе некого да прави нешто спротивно на неговата/нејзината волја? Она што моите злонамерни противници не го знаат или не сакаат да го кажат е дека стануваше збор за специфичен политички маркетинг врзан за мобилизација околу идеја. Се сеќавате ли на #jesuis кампањите или на #негочепкајтеМКЦ? Ние го правиме истото, обединувајќи се околу #Правоиправда. Зошто? Бидејќи досегашното „еластично“ толкување на законите, тогаш кога тоа ќе го побара(ше) патријархот нѐ доведе до авторитарна и тоталитарна држава, во која институциите се слаби, а поединците прејаки, а граѓаните невидливи и помножени со нула.

Моето повикување на одговорност според член 163 („тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со затвор од најмалку три години“) претставува флагрантен пример на правно незнаење или вазалство. Каков привид и превид се прави со ваквата квалификација?! Овде не станува збор за гласање на избори, ниту пак потпишувањето и давањето поддршка за една кандидатурата е тајно. Во подрачните единици на ДИК се наоѓаат повеќе книги за секој од пријавени кандидати, па така вработените прашуваат гласно за кој кандидат сакате да се потпишете. Кој сте и што правите гледа не само службеникот, туку и оној пред вас и оној зад вас, во канцеларија преполна со граѓани дојдени да дадат потпис за еден од поголемиот број претенденти. И книгите не се таен изборен материјал туку моја сопственост.
Зарем не се изморивте од ловот на вештерки, погрешно поврзувајќи ги со груевизмот? Зарем не се плашите од апсолутната моќ што ја поседувате или подржувате, па сега сакате да задушите и секакво алтернативно движење и граѓанска моќ која може да го наруши балансот којшто толку љубоморно и бескрупулозно го чувате?
Јас не отстапувам во мојата порака до сите граѓани: само со владеење на правото се станува европска Македонија! На патот до таквата Македонија ќе ги користам сите демократски средства и модерни методи на мобилизација на граѓаните, познати во развиените демократии, во надеж дека начинот на водење на политичката борба, исто така, ќе ја промениме и модернизираме согласно барањата на новото време. Не отстапувам да водам, кампања во директна комуникација со граѓаните.”

ФБ статус, Гордана Силјановска Давкова.