Заев: УКИМ е продолжувач на визијата и просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев упати писмо со честитки по повод празникот 24 Мај – Ден сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој е воедно и патронен празник на нашиот прв државен Универзитет.

„Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Северна Македонија вам како ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и на сите студенти да ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патрониот празник на УКИМ.

Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија, кој изминатите 72 години како првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност.

УКИМ како достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј досега има создадено околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.

Делото со кое нè задолжија светите браќа Кирил и Методиј како основачи на првото словенско писмо и оставија драгоцено цивилизациско богатство за македонскиот народ, како и за сите словенски народи, нé поттикнува да размислуваме и  дејствуваме, без предрасуди, да ги негуваме нашите вредности и да ги почитуваме другите.

Овој наш престижен Универзитет останува посветен на негувањето и чувањето, но и на меѓународната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ и македонскиот јазик, на нашата историја, литература и култура, како и на културните вредности на сите други етнички заедници во Северна Македонија.

Годинава Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, темелникот околу кој се издигна УКИМ, одбележува значаен јубилеј, 100-годишнината од раѓање на неговиот патрон, на великанот на македонската култура како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик. Токму во чест на Џинот од Небрегово, чие дело е светски признато ова одбележување, е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО.

Врвен приоритет за Владата е зголемувањето на инвестициите во високото образование. Во согласност со добрите европски практики да ги унапредиме условите за работа и студирање, како и достапноста, особено за лицата со попреченост  на системот, обезбедувајќи квалитет и ефикасност.

Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј! Нека е честит патрониот празник на УКИМ!“