Украинскиот претседател Володимир Зеленски го смени шефот на украинската служба за државната безбедност СБУ, Иван Баканов и главната обвинителка на Украина, Ирина Венедиктова, пренесува Гардијан. Главната причина за отпуштањето на две клучни фигури од украинското државно раководство се случаите на соработка со Русија на вработени лица во СБУ и украинското обвинителство.
Зеленски во своето образложение рече дека досега 651 кривична постапка се отворени за предавство и соработка со окупаторот на вработени во обвинителството, предистражните органи и други државни органи. Тој додаде дека во областите под окупација на Русија останале над 60 вработени лица во обвинителството и службата за државна безбедност, кои сега работат против украинската држава.
Британските и украинските власти велат дека Русија се подготвува за наредната фаза од офанзивата во Украина, прегрупирајќи ги своите сили за офанзивата на Словјанск во Донецкиот регион. Британското Министерство за одбрана посочува дека Русија ја користи приватната компанија Вагнер за да ги зацврсти своите сили на самиот фронт за да се надоместат загинатите и повредени војници, јавува Гардијан. Ова би можело да влијае на ефикасноста во натамошните офанзивни дејствија на Русија, земајќи предвид дека во Вагнер сега се намалени стандардите за регрутација и се примаат и затвореници.
Во изминатото деноноќие руските сили извршија серија на воздушни и артилериски напади врз градови во Украина. Утрово во Краматорск во Донецкиот регион биле извршени четири воздушни напади во индустриската зона, но нема информации за повредени и загинати лица, пренесува Укринформ. Над 60 проектили биле истрелани кон градот Никопол во регионот Днипропетровск, при што биле погодени станбени објекти и цивилна инфраструктура. Оштетена е водоводната и топловодната мрежа во Никопол, а погодена била и болница. Најмалку едно лице е повредено, јавува Укринформ./Мета.мк