ЗНМ бара да се прекине мандатот на членови на Советите на МРТ и на ААВМУ

Сподели

Ако опозицијата продолжува да се однесува неконструктивно и со фиктивна амандманска расправа во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија го блокира донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за да ги заштити своите партиски војници, бараме собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата да утврди престанок на мандатот на тројца членови на Програмскиот совет на МРТ и на еден член на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски услуги (ААВМУ), затоа што при нивниот избор не е почитувана законската процедура и да почне постапка за избор на нови членови.

Тоа го порача Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска, велејќи дека е крајно време да се донесе законот што ја добил широката поддршка од новинарската заедница и ја поминал меѓународната експертиза од ОБСЕ и Советот на Европа, како клучен за почнување на медиумските реформи , кои треба да го подобрат квалитетот на новинарството.

Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, тројцата членови на Програмскиот совет на МРТ се избрани спротивно на членот на законот кој вели дека членови на овој Совет на можат да бидат личности кои во изминатите пет години имаат извршувано јавна функција.

Како што за „Мета“ објасни извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, во Советот на ААВМУ проблем е тоа што еден од членовите е со несоодветно образование, односно со завршен Машински факултет и не ги исполнува условите за стручност на членовите на овој совет.

Селмани, изнесувајќи го ставот на ЗНМ, порача дека новите законски измени ќе го укинат коруптивниот систем за субвенционирање на домашна продукција во националните прватни телевизии и ќе овозможат непристрасен и лишен од политички влијание избор на советите на двете тела, а и ги намалуваат казните за медиумите. Но тој во него гледа и голем пропуст, што, како што вели, опозициските пратеници би требало да го исправат со барем еден од амандманите што ги поднеле, но тие тоа не го сториле, со што отворено застануваат само во заштита на нивните „партиски војници“.

– Единствениот недостаток на овој закон е што не обезбедува стабилно и одржливо финансирање на МРТ и ААВМУ, што е услов за нивната независност и професионалност. Чудно е што од околу 80 амандмани поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не се однесува на овој клучен недостаток на законот. Ова покажува дека главна преокупација на пратениците на опозицијата не е судбината на МРТ, туку, како преку одолговлекување на расправата да ги заштити нивните партиски војници во Програмскиот совет на МРТ и Советот на ААВМУ – рече тој.