Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува односот на вработените во Министерството за образование и наука и членовите на дисциплинската комисија кон новинарите кои сакале да ја следат денешната седницата на која комисијата требаше да расправа за инспекторот Ѓорѓи Илиевски. Инаку, против Илиевски е покрената дисциплинска постапка откако обелодени информации кои фрлаат сомнеж околу незаконско унапредување во научни звања на сегашни владини функционери од редовите на ДУИ.
Присуството на новинарите и на јавноста на седници од овој тип е од исклучителна важност за обезбедување на фер и правична постапка, особено кога се работи за предмет кој е од интерес за пошироката јавност. Омаловажување и непочитување на новинарите кои се на работна задача е недопустливо во една демократска држава бидејќи новинарите се очите и гласот на јавноста.
Според новинарот Васко Маглешов кој се обидел да присуствува на седницата, на новинарите освен што не им било дозволено да присуствуваат на самата седница, им било наложено и да ја напуштат зградата. Притоа, претседателката на Комисијата тоа го направила на своја рака, без да наведе кој закон и го дозволува тоа.
Здружението на новинарите на Македонија го повикува Министерот за образование и наука, Арбер Адеми да се извини на новинарите и јавно да го осуди овој настан. Очекуваме од него, да поведе постапка против членовите на Комисијата доколку постапиле спротивно на правилниците за работа и излегле надвор од нивните овластувања, – се наведува во соопштението на ЗНМ.