Колумна Текстови Ударни вести

Новите „бранители“ на името Македонија и „егејското прашање“ – Кица КОЛБЕ

Луѓето на фотографијата се мојот бегалски егејски род. Тие се моите баби, дедовци, тетки, моите родители, брачеди и роднини, чие бегалско страдање го паметам. Тие беа бегалци од Граѓанската војна во Грција. Тие ме научија дека војната и омразата меѓу народите не се победува со уште поголема омраза, туку само со мирољубивост. И со простување на неправдата. Оти овие за мене скапоцени луѓе живееја според заповедите на нивната христијанска вера. Моите роднини не беа агитатори во Граѓанската војна во Грција. Тие не беа ниту членови на некоја партија. Тие беа обични селани и сточари, трговци, чесни и трудољубиви луѓе. Нив војната ги погоди како што обичните луѓе ги погодува секоја војна, секоја катастрофа. Уверена сум дека најголемиот број на егејските бегалци беа такви луѓе, луѓе што до крајот на животот не сфатија што се случи со нив. Ним партизаните им рекоа да ги напуштат куќите само за два-три дена, дури не помине офанзивата. Не им кажаа дека, можеби, никогаш не ќе се вратат дома. Во своите куќи, кои ги оставија суредени, изметени – за да чекаат на нив. На сите што се прашуваат како можам да се застапувам за помирување меѓу Грците и Македонците, како можам да им простам на Грците за тоа што им го сториле на моите предци, можам само да им кажам да ги погледнат лицата на вдовиците во целосна црнина. Од нив научив колкава е силата на прошката. Од нив научив колкава е силата на љубовта. Не само кон своите, туку кон сите луѓе. Од мојата прабаба научив дека омразата прво го труе и го окаменува срцето на тој што мрази. Тие ми го оставија заветот на мирољубивоста. Во нивен спомен верувам дека токму потомците на егејските бегалци можат да станат мост за помирување на Македонците и Грците. Заради оваа моја визија, многумина од луѓето со егејско потекло ме нарекуваат „предавник“. Само тие самите знаат зошто го чинат тоа. Јас, пак, мислам дека тие се самите „жртва“ на несреќната констелација наречена „егејско прашање“. Таа е рецидив од една трагична историја која се одигра пред седумдесет години. Таа долго беше табуизирана во Југославија. Секако, таа уште подолго беше табуизирана во Грција, државата чии државјани беа нашите егејски предци и родители.
Тагично е што во клучните историски моменти Македонците се длабоко разединети. Сега се создаде расцеп дури и помеѓу потомците на егејските бегалци. Секако, ова тажно сознание само потврдува дека историјата на македонскиот „расцеп“ во однос на темелните национални интереси не е мит. Таа е реалност. Но, погубно е кога таа реалност ќе почне да се култивира во националистичка, пропагандистичка или партиска смисла.
Но, што се крие зад тој симптом кај противниците на Договорот, кои, небаре, преку ноќ станаа ревносни „бранители“ на „егејското прашање“? Фанатичните противници на Договорот се чинат длабоко загрижени за судбината на Македонците во Грција, за тоа дека Егејците со Договорот ќе биле избришани од историјата, дека неправдата сторена кон егејските бегалци ќе се заборавела. Ако нивната национална свест и сочувството со страдањето на Егејците е навистина искрена, тогаш морам да се прашам кој во југословенското минато ги создаде сите негативни слики за „Егејците”? Кој бегалците ги нарекуваше погрдно „Егејчишта”? Кој им велеше, во секој миг на криза во односите со јужниот сосед, дека заради нив им се нарушуваат добрите односи со Грција? Зошто во овие долги години на преговори за името никој од нив не направи силен аргумент од „егејското шрашање“, доколку овие луѓе отсекогаш знаеле дека тоа била суштината на проблемот со Грција?
Тие како никогаш да не слушнале дека на Егејците, на пример, со децении по Граѓанската војна им беше забрането да патуваат во Грција. Се прашувам, дали тие тогаш, кога секое лето одеа во грчкиот конзулат да добијат виза, забораваа дека Егејците немаат право на грчка виза? Зошто на овие „патриоти“ не им пречеше во Југославија што Егејците не смееја да патуваат во Грција? Се јавија ли тие тогаш со протести во јавноста против таа неправда?
Имаше ли демонстрации во времето на Југославија за правата на македонското малцинство во Грција, како што имаше во Словенија – за правата на корушките Словенци во Австрија?Ако овие „бранители” на егејските бегалци уште тогаш беа свесни за таа неправда, зошто тие никогаш не го кренаа јавно гласот против тоа? Зошто тие никогаш јавно не се спротивставија на оние Македонци, кои велеа дека Егејците биле „неблагодарни”, затоа што добиле се‘ – станови, образование, боречки пензии? Доколку сегашниве „заштитници” на Егејците нив никогаш не ги сметаа за „туѓинци” и никогаш не помислуваа дека тие треба да му благодарат некому во општеството, кое егејските бегалци го градеа заедно со останатите југословенски граѓани, тогаш зошто тие никогаш досега тоа не го кажаа јасно и гласно во македонската јавност? Напротив. И десните и левите партии во суверена Македонија напати го инструментализираа „егејското прашање“ за свои цели – или со создавање страв од „егеизација“ или со создавање сомнителни здруженија за „духовно обединување…”, зад кое, можеби, се криеле многу „недуховни“ цели – финансирањето на проектот „Скопје 2014“. Според мене, и двете однесувања се симптом на инструментализацијата на „егејското прашање“ во минатото и во сегашноста.
Затоа е сосем возможно сегашниве „бранители на егејската кауза” да се оние кои порано при секое спомнување на бегалската траума на Егејците, извикуваа – „доста со тие Егејци!”. Има многу нешта во нивната аргументација што ме наведуваат на тоа. Пред се‘, нивното минимално или никакво познавање на историските факти за Граѓанската војна во Грција. За учеството на Македонците во неа. За поврзаноста на Југославија во таа војна. За контроверзната улога на Сталиновата советска власт и на нејзините геостратешки интереси. Овие „патриоти“ немаат конкретни сознанија ниту за бројот на егејските бегалци. Дури и кога се нарекуваат себеси интелектуалци, тие говорат само за „деца бегалци”. Тие, очигледно, не знаат дека евакуирањето на 28.000 деца од територијата во која се водеа најголемите битки во Граѓанската војна во земјите на Варшавскиот сојуз, беше само дел од реката од егејски бегалци која, особено во 1948-та и 1949-тата, катадневно се излеваше преку границата со Југославија, но, на крајот, и преку онаа со Албанија. Бројот на егејските бегалци во Југославија се проценува дека бил околу 200.000.Неброени македонски села во Грција останаа празни. Бегаа и стари и млади, заедно со добитокот, како што сведочеа моите роднини.
Зошто овие гневни, фанатизирани луѓе знаат толку малку за таа трагедија, притоа претставувајќи се како вистински „бранители” на „егејската кауза”? Затоа што таа нив, досега, никогаш не ги засегаше. Затоа што мислеа дека тоа не е нивно страдање и нивна мака. Затоа не им верувам ниту сега. Ми се чини дека ним им е поважен митот за славата на Александар, отколку страдањето на егејските бегалци или неправдата кон непризнаеното македонско малцинство во Грција. Нека не ми велат дека тие тоа малцинство го заштитиле со членот во Уставот за „грижата” за малцинствата…Тој член беше дел од Уставот и во Југославија. А тоа на Егејците, сепак, не им помогна. Никој од југословенските политичари не се заложи за нивните права – иако беа југословенски граѓани. Такви нешта, како членот во Уставот, некогаш се само „алиби” – за да не се стори ништо повеќе од декларативноста на секоја одредба. Таа „грижа“, најчесто, останува само на „хартија“.
Сподели: