Денес претседателот Џафери имаше протоколарна средба со заменик шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, г. Јулиан Васало, меѓутоа оваа средба воедно означуваше и завршување на двогодишниот проект финансиран од Европската Унија „Поддршка на Собранието во имплементација на реформите“.
На средбата покрај претседателот Џафери, присуствуваше и Генералниот секретар Иванова и двајцата експерти кои го спроведуваа проектот, г. Едмонд Милетиќ и г. Тибор Драшковиќ.
Претседателот Џафери даде краток вовед за минатиот период на соработка со Делегацијата на ЕУ, истакнувајќи при тоа задоволство и благодарност за придонесот во постигнувањето на резултатите и реформите во Собранието.
Г. Васало се заблагодари на приемот и нотираше дека Собранието, и покрај збиената агенда, овие две години направи многу во насока на отчетноста, транспарентноста и функционалноста за што е потврда и Извештајот за напредокот на земјата и затоа се согласи со претседателот Џафери дека сосема е заслужено да очекуваме одлуката на Советот во октомври да биде позитивна.
Двајцата експерти се заблагодарија на соработката и професионалниот однос на собраниската служба и потврдија дека Собранието има одлична основа за постигнување на поставените цели, односно финансиска независност, независна служба и обезбедување.