Министерот за надворешни работи, Никола Димитров на својот официјален фб профил ја објави веста дека Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во Европската Унија!
“Во ова заедничко „време невреме“ би сакале сепак да пренесеме добри вести за македонските граѓани.
Советот за општи работи на ниво на министрите за европски прашања на ЕУ, денес даде политичка согласност за предлог заклучоците кои се многу позитивни и охрабрувачки за нас. И покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, особено цениме што ЕУ најде време и волја веродостојно да оддаде признание за досега сработеното.
Северна Македонија по 15 години во чекалната како кандидат и по разочарувањата во јуни 2018, јуни 2019 и октомври 2019 година, конечно го поминува прагот и ќе може да ја започне следната заслужена фаза од својот европски пат. Отсега натаму и ние ќе имаме референтна почетна точка од која ќе го мериме времето – откога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во усвојувањето на европските стандарди. И досега, но од сега па натаму уште повеќе, од нас самите зависи!
Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во Европската Унија!
Советот недвосмислено ќе потврди дека остваривме опипливи и одржливи реформски резултати во однос на реформите.
Советот ја поканува Комисијата ВЕДНАШ да поднесе предлог рамка за преговорите како и да ја започне неопходната подготвителна работа.
Првата меѓувладина конференција ќе биде свикана што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка.
Советот ја поканува Комисијата да го дозаврши скрининг процесот, започнувајќи со кластерот за фундаменталните вредности.
Би сакал вам, граѓани на нашата Република, во овие предизвикувачки времиња кои заеднички ги поминуваме, од срце да Ви честитам за успехот, но и да ве потсетам:
Одлуката на Советот не дојде лесно ниту пак ни беше поклонета. Ние и вие заедно со макотрпна работа и жртвување ја одработивме и заслуживме шансата да покажеме дека му припаѓаме на европското семејство.
Постоеја многу искушенија и преобмислување. Изодивме тежок реформски пат во вонредни околности кога моравме да ја закрепнеме заробената правна држава. Го склучивме Преспанскиот договор и ги усвоивме уставните амандмани со опструкции, одвнатре и однадвор. Не беше едноставно, но покажавме визија, разумност и политичка храброст.
Сега НАТО и новото поглавје со ЕУ се реалност и можеби е добро време овојпат ние политичарите да ви се заблагодариме вам на граѓаните за успехот, непоколебливата надеж и верба и добро завршената работа. Погледнете ги вашите најблиски до вас и денес бидете горди дека исполнивме дел од заветот на нашите баби/дедовци и мајки/татковци и отворивме нова перспектива за нашите идни поколенија.
Да не се залажуваме, патот натаму ќе биде уште потежок и пострмоглав доколку повторно се препуштиме на рамнодушноста. Повторно од нас самите ќе зависи колку брзо и со кој квалитет ќе го минуваме патот до денот на полноправно членство во европското семејство.
Меѓутоа денеска е ден на зрак надеж дека можеме и дека направивме! Никој не може да ви го одземе тоа.
Нека ви е честит успехот и се надевам дека сите заедно ќе го совладаме и предизвикот со пандемијата на коронавирусот што е можно побрзо.
Честитки татковино! Честитки македонски народе! Честитки сограѓани Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други!
Ќе нѐ биде!” – изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров