Ограничување на движење на граѓаните од 20:00 до 05:00 часот

Сподели

 

Владата донесе дополнителни мерки за заштита на јавното здравје и заштита на сите граѓани на Република Северна Македонија, со цел намалување на бројот на новозаразени и намалување на оптоварувањето на здравствените работници, со цел успешно справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата.

 Новите рестриктивни мерки се однесуваат на:

  • Продолжување на забраната и посебниот режим на движење на граѓаните на територијата на Република Северна Македонија во временски период од 20:00 до 5:00 часот наредниот ден почнувајќи од 6 април (вторник) до 20 април 2021 година.

За време на забраната и посебниот режим на движење на граѓаните на територијата на Република Северна Македонија, сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (кучиња), може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 до 23:00 часот, најмногу до 100 метри од објектот каде живеат. На граѓаните, кои извршиле имунизација/вакцинација во центрите за вакцинација, во временски период непосредно пред започнување на забраната и посебниот режим на движење им се дозволува враќање до своето живеалиште/престојувалиште врз основа на потврдата за извршена вакцинација.

  • Целосна забрана за посетители-гости во сите угостителски објекти (кафетерии, ресторани, барови, клубови) и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, како и во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) или на бензинските станици, а оние угостителски објекти, кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн или телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд/пулт) почнувајќи од 7 април 2021 година, (среда) до 20 април 2021 година.

Исклучок од ова се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување).

  • Целосна забрана за посетители, гости во сите обложувалници, односно приемот на посетителите и работата на обложувалниците да биде овозможено исклучиво преку вршење на шалтерска услуга (шалтер, штанд, пулт) односно угостителскиот објект/дел во обложувалниците, како и во казината, да биде затворен за посетители, почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година.
  • Целосна забрана за посетители-гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање почнувајќи од 6.4.2021 година (вторник) до 20 април.
  • Се забранува организирање, одржување и присуство/учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип, од 6.4 до 20.4.2021 година.

На седницата беше прифатено и укажувањето на Главниот кризен штаб за потребата од стриктно почитување на забраната за собирање во групи и групирања на повеќе од четири лица на јавен простор, паркови, или било која површина на отворено. Ова важи на целата територија на државата секој ден во текот на седмицата.

Продолжуваат да важат дозволите издадени на барање на правни лица/институции, односно за движење на физички лица само за службени потреби.

За земјоделците, остануваат истите правила за движење за време на полицискиот час. Ова се однесува на нивното движење за извршување на работните обврски во атарот (местото на живеење) исклучиво за извршување на работните обврски. Останува да важат дозволите за движење на регистрираните земјоделци, евидентирани во подрачните единици на Министерството за внатрешни работи.