„Во Европа ќе влеземе само како Македонци и зборуваме на македонски јазик“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, како одговор на португалската министерка за Европа, Ана Паола Закаријаш, која рече дека македонскиот јазик е бугарски.
Ставот на Закаријаш не го отсликува ставот на Португалија и тоа што е напишано во португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија. Целата дебата за македонскиот јазик произлегува од тоа дека предлогот излезе од Европската комисија, каде се вели дека целата легислатива на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик и дека државата треба да има доволно преведувачи во моментот на членство, додаде Димитров.
Димитров појаснува дека вчера и тој и министерот Османи на неколку нивоа разговарале со Лисабон и оти изразиле вербален протест за како што вели, крајно несоодветната изјава.
Во изјавата дадена на новинарски брифинг, чија аудио верзија објави бугарската агенција БГНЕС, не само што португалската министерка го искажа бугарскиот став дека македонскиот јазик почива на бугарски корени, туку и го нарече „северномакедонски“.
Од македонската влада во писмена изјава соопштија дека ако станува збор прецизно пренесена изјава, тогаш целосно се коси со португалскиот предлог.
-Ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање. Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставнците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во С. Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања., се вели во писмената изјава на Владата.