Албанскaта политичка и научна јавност имаат објективен пристап и разбирање дека прашањата што се на масата за разговори со Бугарија не се воопшто лесни за решавање. Но, од друга страна, можеби не толку транспарентно и недвосмислено, го искажуваат ставот дека не се подготвени да чекаат уште 30 години за да се реши овој спор.
Блокирањето на интеграцијата на Македонија во Европската Унија од страна на Бугарија се очекуваше дека ќе наиде на жестоки критики во целата албанска јавност.
Ваков епилог се очекуваше поради фактот дека блокирањето на Македонија влијаеше и врз блокирањето на Албанија, која нема отворени прашања со соседите, ниту со земјите на ЕУ. Двете балкански земји веќе се во пакет и не може да се очекува дека од секоја држава посебно ќе зависи европската судбина!
Во 2019 година се очекуваше дека Македонија ќе го добие датумот, а Албанија ќе треба да биде во чекалницата на ЕУ, особено по блокадата од страна на Холандија. Во 2021 година, Албанија не сакаше да биде ставена во пакет со Македонија, но однапред се знаеше дека така ќе биде.
Албанија со емпатија кон Македонија
Наместо остар јазик, како што обично се слуша на балканските простори, Албанија имаше не само неутрален став, туку и изрази еден вид емпатија за она што ѝ се случува на Македонија, која и покрај решавањето на спорот со името со Грција, останува надвор од домот на ЕУ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, дури ја оправдува и фрустрацијата во Скопје, бидејќи по Преспанскиот договор и решавањето на прашањето на името со Грција, се појавува Бугарија со ново барање. „Му реков на Зоран, се надевам дека нема да бараат да се наречете Западна Бугарија затоа што тогаш ќе треба да се вратите пак кај Грците да преговарате“, рече на шега Рама. Албанскиот премиер го нарече неуспехот да се донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија и Албанија неуспех на ЕУ.
Поддршка и од домашната албанска политичка елита
Слична перспектива има и во домашната албанска политичка елита. Во современата политичка историја на земјата, ретки биле периодите кога албанските политичари во власта имале синхронизирани ставови со македонскиот политички партнер. Единствено во спорот со Грција, а сега и со Бугарија, партиите на Албанците имаат конструктивен став. Пред сѐ, ова се должи на фактот што ДУИ речиси 20 години е на власт и, во врска со стратешките прашања во односите со соседите, ги брани државните интереси. Од друга страна, партијата БЕСА е коалициски партнер на СДСМ и нејзиниот однос се движи во рамките на зацртаните линии од страна на власта. Можеби притисокот се очекуваше од албанската опозиција, но веројатно свесна дека се работи за едно од „жешките“ прашања коишто имаат историски контекст, а се многу битни за иднината, беше воздржана во коментарите, иако критиките кон власта не недостасуваа.
ДУИ: Не треба да се разговара за идентитетот
Можеби поради позицијата која ја има, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, настапува со државнички ставови околу спорот со Софија. Изразувајќи го ставот на Владата, го одразува и ставот на својата партија ДУИ, според којшто не треба да се разговара за идентитетот на македонскиот народ. „Нашиот став е дека нема да дозволиме какви било ставови со кои ЕУ ќе ги спори идентитетските карактеристики на македонскиот народ“, дециден е Османи.
Извор: meta.mk
„Не правете им го на другите тоа што не сакате вам да ви го прават“
И албанската опозиција има разбирање за официјалниот државен став околу спорот со Грција, но не се толку толерантни како партиите на власт, ДУИ и БЕСА.
Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, во 2016 година, во емисијата „200“ на Алсат имаше контрадикторен став околу идентитетот на македонскиот народ. „Историската реалност на Македонија ја знае цел свет и е многу апсурдно кога еден народ што нема идентитет, што во конкретниот случај се Македонците…Со пописот од пред 100 години, не постои македонски народ. Заборавате дека тука сте присутни од 7 век, додека Илирите се многу порано.“
Но, самиот Села ретерираше од овој став, сметајќи дека Бугарија има територијални претензии кон нашата земја. „Темата што ја отвори Бугарија во последно време, со неприфаќањето на македонскиот идентитет и јазик, од моја гледна точка, тоа што не се кажува во овој случај, е дека Бугарија и натаму има територијални претензии кон Македонија“, изјави тогаш Села.
Другата албанска партија во опозиција, партијата Алтернатива, оспорувањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија го поврзува со ставот на дел од македонската политичка елита кон албанскиот јазик. „Не правете им го на други тоа што не сакате вам да ви го прават“, им порачува Гаши на Македонците и нивните политички претставници. Нагласува дека нема ништо против предлог-резолуцијата иницирана од ВМРО-ДПМНЕ, но смета дека идентична почит треба да се изразува и кон една од идентитетските компоненти на Албанците во земјата – албанскиот јазик.
Научната јавност прогнозира „тешко“ решение
И научната албанска јавност настапува трезвено и без популизам. Академикот Абдулменаф Беџети изјави дека проблемот со Бугарија е најголемиот којшто го има земјата. „Многу почувствително е прашањето кога се тангира нешто што е поврзано директно со идентитетот и тоа за свежи факти од пред 60-70 години. Проблемот со Грција беше за временска разлика од 1.000 години, период што е толку долг што не можете да се повикувате на „чисти идентитетски корени“. Јас имам потполно разбирање, но не треба да потпаѓаме на провокации и да работиме за агендата на такви како Каракачанов. Свесно или несвесно“, истакна Беџети.
Во албанската јавност прашањето на спорот со Бугарија е актуелно, не само од аспект на евроинтеграциите, туку и од историски аспект. Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани, за Радио Слободна Европа изјави дека формираните научни комисии се пречка за постигнување договор, бидејќи тие поставуваат црвени линии. „Македонско-бугарскиот спор треба да се реши според моделот на Германците и Французите, со формирање на комисии за разбирање. Северна Македонија треба да има канцеларија во Софија, а бугарската страна треба да има канцеларија во Скопје. Овие канцеларии треба да се занимаваат со решавање на актуелните проблеми, а не да ги третираат историските аспекти“, рече Асани.
Имајќи ја предвид сензитивноста на спорот со Бугарија, особено имајќи предвид дека се работи за прашањето на посебноста на македонскиот јазик и за историското гледање кон минатото на двата народи и важните личности, може да се заклучи дека албанскaта политика и научна јавност имаат објективен пристап.
Имаат разбирање дека прашањата кои се на масата за разговори не се воопшто лесни за решавање. Но, од друга страна, можеби не толку транспарентно и недвосмислено, го искажуваат ставот дека не се подготвени да чекаат уште 30 години за да се реши спорот, како гаранција за членство во ЕУ, колку што траеше спорот со Грција.
Имено, албанската политичка елита ќе биде стрплива до одреден период, но не во недоглед, бидејќи притисокот од гласачкото тело за членство во ЕУ ќе биде голем. Јавниот политички дискурс, којшто е прилично неутрален кон односите со Бугарија, може да се смени ако во меѓувреме се потврди дека македонската политичка елита не е подготвена по никоја цена да се реши спорот со Бугарија! Тоа може да воведе до нови внатрешни политички и интеретнички (а и интраетнички) превирања, мотивирани од (не)решавањето на спорот со Бугарија.