НУБ: Дигитална изложба по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

Сподели

 

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во рамки на Националната програма за одбележување на 2021 година – Година во чест на Блаже Конески, со неколку комплементарни активности ја одбележува 100-годишнината од раѓањето на Конески, исклучително значајна личност во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, еминентен лингвист, реномиран славист, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, афирмиран поет, прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот и препејувач од повеќе јазици, еден од основачите и прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија и на МАНУ.

 

 

 

 

Во чест на Блаже Конески е изработена дигитална изложба со мултимедијални содржини, насловена „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“ и истата е поставена на веб-сајтовите на НУБ „Св. Климент Охридски“ и на Дигиталната библиотека на РСМ. Изложбата содржи селектиран материјал од општиот фонд и од специјалните збирки на НУБ „Св. Климент Охридски“: објавени дела од Блаже Конески и од други автори за Конески, преводи на негови дела на други јазици и негови преводи од други автори, оригинални ракописи од авторот, фотографии, музички ракописи и печатени партитури од реномирани македонски композитори инспирирани од богатиот книжевен опус на Конески, снимки од негови искажувања, стихови и др.

Целта на дигиталната изложба е поширока презентација на Конески и приближување на неговата поезија, проза, стручните дела и ликот во целина до јавноста, како и поттикнување на нови идеи за истражување на неговиот богат и разновиден опус. Со претставените содржини се истакнува неговата значајна основоположничка улога за современиот македонски јазик, како и неговите креативни достигнувања и остварувања. Изложбата е широко достапна преку интернет и можат да ја видат сите заинтересирани на следниве веб-сајтови:

  • www.nubsk.edu.mk (НУБ „Св. Климент Охридски“);
  • www.dlib.mk (Дигитална библиотека на РСМ).

Претходно, НУБ „Св. Климент Охридски“ подготви и патувачка изложба на плакати, односно на паноа, со истиот наслов „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“, која веќе беше поставена низ нашата држава во рамки на неколку настани што се одржаа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово, Манифестацијата „Рацинови средби“ во Велес, Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје и во Институтот за македонска литература, а следниот месец ќе биде поставена и во рамки на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“.

Исто така, во чест 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески е планирано во декември 2021 година да се постави и физичка изложба на библиотечни материјали од фондот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во витрини, која ќе биде придружена со аудио и видео материјали.

Проектите од Националната програма за одбележување на 2021 година – Година во чест на Блаже Конески се реализираат со поддршка на Министерството за култура и на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, а под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски.