УПОЗ го стави штрајкот на вработените во судската администрација во мирување

Сподели

protest-sudska-administracija-860x6801

По речиси два месеци на улица, судските работници одлучија да го стават во мирување штрајкот на судовите во земјава. Ваквата одлука е донесена од Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани и Здружението на судска администрација.

„Според Законот за судовите, според кој годишните одмори почнуваат од 15 јули и траат до 15 август, за кој период се извршуваат само нужни работи, помалку отколку за време на штрајк, УПОЗ и ЗСА одлучија дека во овој период штрајкот ќе мирува. Но, тоа не значи дека прекинува и датумот на неговото продолжување ќе биде дополнително утврден“, се вели во соопштениетo на УПОЗ и на ЗСА.

Оттаму велат дека доколку штрајкувачите во меѓувреме се соочуваат со притисоци и со закани од судската власт, штрајкот веднаш ќе се активира и ќе продолжи со поголем интензитет.

На последниот состанок меѓу УПОЗ и ЗСА, како што информираат, било констатирано дека судската и извршната власт и понатаму се незаинтересирани за дијалог и за наоѓање решение за барањата на штрајкувачите.

„Судската и извршната власт со нивниот игнорантски однос кон штрајкот и кон барањата на штрајкувачите во изминатите 58 дена, како и со незаконското казнување со намалување на нивните плати од 40 отсто, создадоа невиден хаос во судовите и сакаат да предизвикаат поделеност за да го скршат штрајкот“, се вели во соопштението.

meta.mk