Колумна Текстови

БОРЦИ-ДРЖАВОТВОРЦИ – Александар Литовски

Сподели:

 

По повод 11 Октомври – 80 години Востание/

Во нашава луда, неоврховистичкo-хистерична и антимакедонска реалност мора секогаш, одново и одново, да се проговори за нашите, единствени во историјата, борци-државотворци.

Александар Литовски

За оние наши антифашисти и комунисти кои со една натчовечка верба во еднаквоста, правдата, македонштината, братството и единството на сите населени во Македонија и пошироко, влетаа во вителот на националноослободителната војна и – излегоа победници. За оние млади партизански борци кои со една, ретко видена низ нашата трагична историја, концентрација на човечка верба и волја, започнаа и ја издржаа борбата со слепите сили на мракот, оние злокобни сили на италијанскиот, германскиот, албанскиот и бугарскиот фашизам. За оние наши млади идеалисти кои во 1941 година, кога целиот свет трепереше пред топовите и тенковите на Хитлер и Мусолини, „лудо“ се втурнаа во нерамноправната и, навидум, целосно бесперспективната битка, со која сакаа да ја променат тогашната наша антимакедонска, фашистичка и антихумана стварност.

Во време кога македонската национална мисла беше затруена со туѓински идеологии и кога многумина одроденици од граѓанската класа, односно нашите ситни буржуи, кулаци и приврзаници на бугароманско-егзархиската интелигенција, го славеа „ослободувањето“ и, со сите свои сили, ја поддржуваа фашистичката власт (а, попатно, денес, токму таквите: чкатровци, ѓузеловци, светиевци…, се обидуваат да ни ги наметнат како „политичари“ и „први синови на Татковината“), мора одново да се говори за Мирче, Страшо, Стив, Лазар, Кузман и останатите праведници, кои, токму во тој антимакедонски и антикомунистички амбиент, го изразуваа гласно и јасно својот презир за врховистичките негирања на одделниот македонски национален идентитет и повикуваа на правовремена борба против фашизмот, кој пред очите на сите, тогаш се развиваше во зло кое ќе го проголта светот. Да, да, треба да зборуваме денес за антифашизмот кој се организирал и одвивал во време кога Македонецот секојдневно пројавувал жална неспособност да ја развива сопствената политичка, културна и национална свест, неспособност која била предизвикана од вековното робување на туѓите попови, туѓите учители, туѓите полковници и генерали, туѓите политичари, од робување на вистините на туѓите пропаганди…, и сето тоа робување, најчесто, се реализирало под познатите флоскули „Македонија на Македонците“ и „борба за обединета и независна Македонија“.

Во таа пресудна светска и македонска 1941 година, најчесто, нашите борци-државотворци беа момчиња и девојчиња во цутот на својата нераспролетена младост. Но, иако такви, млади, беа воодушевени од големиот стремеж за револуционерно преуредување на неправедниот и криминален свет, од титанскиот напор да се врати човечкото достоинство, да победи правдата врз неправдата, еднаквоста врз нееднаквоста, знаењето врз незнаењето, беа утопистички занесени од борбата да се отстранат сите отровни и канцерогени заблуди кои владеачите и клерот со векови ги шират како непорекливи вистини, беа обземени од желбата да се разобличат дејствата на антимакедонските центри на моќ во Софија, Белград и Атина и истите еднаш за секогаш да се уништат. Оттука, можноста сопствената антифашистичка борба, преку осојузување со светската антихитлеровска коалиција, да ја претворат во остварување на аманетот на поранешните борци за македонско национално ослободување, можноста за втор Илинден низ кој ќе се избори вековниот сон на македонскиот народ за своја национална држава, овие наши државотворци ја прифатија како безалтернативен предизвик.

И така, со такви возвишени мисли и идеали, од планинските беспаќа јуришаа на небото, јуришаа да го изборат тој вековен и никогаш неостварен македонски сон. Тоа се сите борци кои молчешкум и со насмевка одеа и на бесилка, и на гилотина, и на стрелање и секогаш знаеја дека сите тие грди работи, сите тие тажни жртви сè само удари по разбеснетата бурна вода и не значат ништо друго освен дека се крена самото човечко море, кое што со своите бранови ќе ги однесе во неврат и бесилката, и гилотина, и пушките, и фашистите, и балистите, и врховистите, а наместо нив ќе израсне нов, почовечен човечки живот на земјата, а Македонија ќе ја огрее „ново сонце на слободата“.

Секако, како што секој добронамерен Македонец знае, тие го из­борија овоплотувањето на највисоките македонски идеали со потоци од својата крв, со потоци од крвта на своите најдобри другари и другари, со несебичното жртвување на снагата и животите на најдоблесните синови на македонскиот народ. Негирањата на тие жртви и на искрената македонска антифашистичка борба е само еден антицивилизациски чин, е само еден анахрон десничарски ревизионизам и анти-антифашизам кој доаѓа од внуците на некогашните поразени фашисти и антимакедонски врховисти и балисти, како и од, сè уште, активните платени приврзаници на некоја од соседските големодржавни пропаганди и нивните тајни служби. Повремено, и од глупавите неолиберални антикомунисти и заслепените „партиски војници“, кои мислат дека со негирање и маргинализирање на асномската државност и македонизмот ќе им угодат на своите господари. И сите тие антимакедонци, кои воопшто не се малубројни и безопасни, секогаш треба да се пречекаат со презир, да се отфрлат како анахрони канцерогено-национални остатоци врз македонското национално ткиво, да се отфрлат како противници на правдата, вистината и слободата и да се испратат на ѓубриштето од политичката сцена и историјата.

Денес во изградбата и јакнењето на македонската држава и македонските национални атрибути, треба да го следиме патот на нашите македонски партизани. Денес сите вистински македонски патриоти треба да се наредат во стројот во одбрана на остварениот македонски национален и државотворен сон за слобода, сон за право на свој македонски збор, за одбрана на остварениот сон за своја држава, за свое достојно место во Европа и светот. А на оние што ја изборија слободна Македонија можеме и треба да им се оддолжиме со сеќавање на нив и нивните дела и оддавање на секојдневна и искрена љубов и почест. Затоа, имајте на ум, се ближи денот на осумдесет годишнината од денот кога, под паролата „Смрт на фашизмот – слобода на народот“, се случи најважното востание во историјата на македонскиот народ. Она востание кое ја изроди првата, и единствена до сега, македонска држава. Она востание и онаа од него произлезена асномска македонска држава кои, многумина, сакаат да ги испратат во заборав. А, тоа, доколку сакаме да нè има, не смее да им се дозволи!

Сподели: