Вести Македонија Став Ударни вести

Дигиталниот идентитет на Македонија во светот на вештачката интелигенција – Бранко Прља

Сподели:

 

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција? – пишува Бранко Прља за Республика

Преку интегративните процеси во ЕУ Македонија се бори за зачувување на сопствениот идентитет.

Бранко Прља

Но, дали нешто се прави на полето на дигиталниот идентитет и актуелното поле на вештачката интелигенција? Следниот фронт на кој треба да се бориме е македонскиот дигитален идентитет, особено со помош на вештачката интелигенција. На тој начин не само што може да се зачуваат националните и креативните наследства, туку и да имаат своја екстензија и продолжен живот во дигиталната сфера.

Креативноста и вештачката интелигенција

Вештачката интелигенција (ВИ, или англ: AI, Artifficial Intelligence) е поле кое се развива се побрзо и поагресивно. По успесите во автоматизирањето на различни дејности, во управувањето електрични возила на Tесла, пакувањето и сместувањето производи по магацините на Амазон и многу други примери, човештвото почувствува сериозна закана по својата добросостојба и конкурентност на пазарот на трудот.

На полето на креативноста, од друга страна, технологијата отсекогаш била сојузник на луѓето. Денес компјутерите се дел од животот на секој уметник или професионалец, независно од тоа дали се работи за графички дизајнер, 3Д уметник, писател, моден креатор, итн. Сите тие, помалку или повеќе, зависат од компјутерите.

Сепак, неверојатно е она што се случи во последниве неколку месеци со употребата на вештачката интелигенција за генерирање слики. Луѓето денес можат да создадат неверојатно интересни, креативни, неочекувани уметнички дела во кој стил и да посакаат и на која тема сакаат со едноставна текстуална наредба.

Се што треба е да дадат точен опис на она што ги интересира и за неколку секунди нивната замисла ќе стане реалност! Тоа го овозможуваат апликациите како DALL-EGPT-3Mid JourneyStable Diffusion, кои го превртеа светот на креативните индустрии наопаку.

Дали вештачката интелигенција прави „ремикс“ или нешто сосема оригинално?

Се поставува прашањето колку вештачката интелигенција (ВИ) создава нешто ново или едноставно прави „ремикс“ од постоечките бази на слики и креативни творби од разни автори. Одговорот е комплексен, а можеме да му пристапиме на два начина.

Едниот одговор е дека вештачката интелигенција не создава ништо ново, таа на некој начин прави колаж од постоечките елементи, кои ги преобликува. Но, ако размислиме подлабоко, и колажот е вид уметност. Најпознат е примерот на Марсел Дишан и неговите готови предмети (ready-made), како „Фонтана“ од 1917 година која била еден обичен писоар. Тука станува збор за концептуална уметност и пораката која сака да ја даде уметникот е главен играч. Таквите пораки можат да бидат моќни и да го поместат нашето разбирање на реалноста, па дури и да предизвикаат револуции во колективната свест.

Извор: freepik.com

Машината не знае што прави, од аспект на свесност, таа само учи од претходни искуства на луѓето и се обидува да даде одговор на зададена задача од страна на човекот.

Другиот начин или аспект на гледањето на ВИ е ако прифатиме дека резултатите добиени со овие апликации создаваат оригинални и дотогаш невидени слики. Машината, несвесно (и понекогаш несакајќи), предизвикува нешто слично на движењата во уметноста – ги поместува границите на возможното и ја менува перцепцијата на креативноста и реалноста.

Посебна тема која бара разгледување е како да се заштитат уметниците. Тие се популаризираат преку овие апликации, но би требало да добиваат и процент од секоја слика создадена во нивни стил.

Со оваа технологија не само што ќе можат да се создаваат поединечни слики во одреден стил, туку и цели стрипови, графички новели, анимирани филмови, а потенцијално и долгометражни филмови.

Денес, речиси секој може да го направи истото со помош на оваа бесплатна апликација. Stable Diffusion е значајна (за разлика од Dall-e и другите кои се платени апликации) како отворен извор (open source) апликација и бастион на AI интернет демократијата во полето на креативноста.

Како стојат работите кај нас?

Во македонската уметност, графички дизајн и издаваштво, пред една недела се појави првото дело направено со помош на вештачка интелигенција (Stable Diffusion), мала книгичка фактопедија за американскиот музичар и водач на бендот Нирвана, Курт Кобејн, и допрва се очекува да има се повеќе вакви дела.

Сепак, Stable Diffusion не ја препознава Македонија, ниту нашите познати личности и секој може со внесување на терминот „Македонија“ да провери дали е тоа така. Тоа може да биде момент на просветлување. Се бориме за идентитетот и признавањето на Македонија во светот, но се чини дека го занемаруваме во дигиталната сфера. Нашите значајни личности се многу малку застапени во дигиталната сфера ако не се смета Википедија, која повторно почива на трудот на малкумина ентузијасти.

Што треба да се направи во борбата за дигиталниот идентитет?

Борбата за признавање и афирмација на Македонија треба да се води со промовирање на позитивните примери за нашиот идентитет, нација, нашите великани, од сите националности и религии, кои твореле и создавале значајни дела. Треба да се бориме за нашиот дигитален идентитет и да се инспирираме од нашите млади, како Редит заедницата која се бореше за опстанокот на македонското знаме на r/place.

Заради тоа, и како поттик за другите, тимот на Арно.мк реши да провери дали некои од нашите познати дејци се присутни на Stable Diffusion. Ова се резултатите со терминот „Илустрација на Горан Стефановски“.

Stable Diffusion очигледно не го препознава Горан Стефановски, кој е општо признаен кај нас како еден од најпознатите писатели во современата македонска книжевност, најистакнат македонски драматург по Војдан Чернодрински.

Затоа Бранко Прља (графички дизајнер) и Владимир Карер (програмер) пристапија кон процес наречен „тренирање“ на Stable Diffusion со голем број различни фотографии од ликот на Горан Стефановски за вештачката интелигенција да се научи да го препознава. Ова се дел од резултатите:

Се работи за сосема оригинални дела во различни уметнички стилови или стилови на повеќе познати уметници. За да се уверите дека недостигаат повеќе уметнички дела со ликот на Горан, проверете на Google image search со пр: „goran stefanovski illustration, каде освен прекрасниот графит во Дебар Маало нема други вакви дела. Со овој обид може да се збогати и даде достоинство и промоција и на наши други дејци. Како би изгледал Горан Стефановски да го сликал Пикасо, Рутковски или Роберт Крамб? Сега го имаме одговорот.

Моделот, благодарение на Арно.мк, за првпат е јавно достапен (open source) и може да се користи за експериментирање од тука (прва демо верзија). При користењето е потребно да се употреби зборот „novgoranstefanovski“ и потоа стилот во кој сакате да биде илустрацијата. На пример: „novgoranstefanovski, retro comic style”. Бидејќи се работи за демо верзија на која се работи, резултатите не се како во официјалната верзија (тимот на Арно ќе ги доработи „баговите“). Се разбира, потребно е и да се усоврши уметноста на „упатството“ (prompt).

Што понатаму?

Што значи ова за борбата за дигиталниот идентитет на Македонија? Ова е само една капка во таа борба, колку што е и трудот на секој наш креативец, научник или интелектуален деец кој создава нешто и со тоа ја промовира и унапредува Македонија.

Преку проектите како science.mkcreative.mkОбични луѓеЧитачотНаука за децаКантарот и други, се поттикнуваат младите и идни генерации да се интересираат за уметноста, науката, културата и сите оние арни нешта кои се значајни за цивилизацискиот напредок на едно општество. Не смееме да ја заборавиме и општествената одговорност која ја имаме како индивидуи пораснати во едно можеби не многу просперитетно општество, но во средина која колку-толку ни овозможува стабилен и мирен живот, бесплатно школство и здравство.

Како интелектуалци мораме да се бориме за фактичкиот, но и за дигиталниот идентитет на Македонија, а најактуелното дигитално поле денес е вештачката интелигенција. Затоа, засукајте ракави, аплоадирајте слики и тренирајте модели од наши историски, културни, уметнички, научни или какви и да се значајни дејци, настани, обележја – за да бидеме дел од најновата информатичка револуција во вештачката интелигенција!

 

Сподели: