Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.
Децении наназад, најчесто дискутирана статистичка активност е пописот на населението. Најсензитивни теми во секоја од овие дискусии се веродостојноста на пописните податоци и довербата во нив, а тоа може да биде постигнато само преку реално пребројување. Само реалистично пребројување може да гарантира употреба вредност на резултатите од оваа најобемна и најскапа статистичка активност. Оттука, во оваа фаза од пописните подготовки најрелевантно прашање е дали сме подготвени за реално пребројување?
Ова прашање се однесува и на оние кои се одговорни за подготовките за спроведување на Пописот, но и на оние кои имаат обврска да учествуваат во процесот на попишувањето – населението.
За да се обезбеди одговор на ова прашање, мора внимателно да се направи оценка на досега сработеното од релевантните институции одговорни за пописниот процес (содржината на пописните прашалници, степенот на подготвеност и нивото на компатибилност на збирките на податоци со пописната методолгија, методите на евалуација на квалитетот на пописните резултати итн.), како и на предлог-Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2020 година.
Од своја страна, само попис реализиран низ транспарентни и јасни процедури за секоја фаза од пописниот процес може да обезбеди доверба во пописните податоци. Затоа, предлог законот за попис мора детално и внимателно да биде разгледан и од стручната и од пошироката јавност и каков и да било сомнеж во понудената регулатива не смее да остане.
Кој ќе биде попишуван?
За да се заработи довербата на населението во пописниот процес, најважна е содржината на пописната методологија и начинот на нејзината примена.
Реалното попишување на населението и домаќинствата во Република Македонија зависи од дефиницијата за вкупното население и уште поважно од нејзиното целосно почитување. Случајно или не, оваа дефиниција недостасува во содржината на Предлог-Законот за попис, но недостасуваат и други неопходни податоци (дали попишувањето ќе биде де јуре или де факто, кои податоци ќе се користат од збирките на податоци, начинот на пренос и контрола на податоците во тек на попишувањето, роковите за објавување на резултатите и др.) кои треба да ги содржи пописната легислатива.
Клучниот демографски предизвик пред кој се наоѓаме е да се знае реално колку сме и кои сме. Следниот попис мора да биде недвосмислено спроведен на најпрофесионална можна основа за да се обезбедат веродостојни податоци и целосна доверба во нив. Единствено одговорен за ова е Државниот завод за статистика (ДЗС), кој се наоѓа пред историски предизвик да ја одбрани професионалноста на статистичарите и да не дозволи политички вмешувања во која и да е фаза од пописните активности. Фазата на презентирање на предлог законот за попис покажува дека ДЗС навлегува во процес на губење на независноста и професионалниот интегритет.
Некомплетни дефиниции
Во членот 5 од Предлог-Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2020 година, е дефинирано кои лица ќе бидат опфатени со пописот. Овој член од предлог-законот информира кој ќе биде попишан, но без дефиниција кои лица од вкупно попишаните ќе го сочинуваат контингентот на вкупното население, веднаш се создаваат сериозни сомнежи во пописните резултати и нивната употребна вредност. Попишувањето на сите државјани на РСМ без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во земјата или во странство, отвора многу дилеми за опфатот, веродостојноста и квалитетот на податоците за лицата кои ќе бидат попишани.
За лицата кои се државјани на РСМ и кои ќе се отсутни во време на спроведување на пописот не е јасно кој ќе ги дава податоците, особено ако цели семејства се отсутни. Во вакви случаи не може да се очекува податоците да бидат веродостојни и релевантни.
Во сите досегашни пописи на населението најсензитивен дел беа прашањата за етничко-религиозните карактеристики на населението. Одговорите на овие прашања се добиваат исклучиво со лично изјаснување на попишуваните лица. Овие прашања се многу сензитивни затоа што навлегуваат во приватноста на лицата, па поради тоа е многу важно како ќе бидат организирани овие прашања во пописните обрасци.
Формулацијата на овие прашања исто така може многу да влијае врз изјаснувањето на лицата и треба да се почитуваат меѓународните препораки одговорите да бидат добиени со слободно самоизјаснување (отворени прашања). Овде со целата тежина се наметнува проблемот на очекувана нерелевантност на собраните податоци за етничко-религиозните карактеристики.
За лицата за кои други лица ќе даваат податоци не е јасно од каде можат да им бидат познати сите податоци кои ќе ги реферираат особено за етно-религиозните карактеристики на отсутните лица, зашто тие податоци се со загарантирана приватност. Во недостаток на прецизирање на времетраењето на привремената работа или престој може да се очекува дека и тие кои се државјани на РСМ и кои работат и живеат во странство повеќе години, ќе бидат попишани како лица привремено отсутни.
Во тој случај, мора јасно да се направи разграничување кои се лицата што се вклучени во вкупното население, а кои се лицата македонски државјани коишто постојано живеат во странство. За нив може да биде предвиден и посебен сет на прашања преку коишто ќе се обезбедат релевантни информации за нивните карактеристики.
Извор: faktor.mk
Можното вклучување на повеќе категории на лица во вкупното население (лица кои се многу години отсутни од РСМ, лица кои ќе бидат затекнати во време на пописот во РСМ, лица на привремена работа или престој во странство) може да се очекува да се добие суштински изменета слика за вкупното население и неговата етничко-религиозна структура, по спроведувањето на Пописот.
Како ќе се спроведува попишувањето?
Методот на попишување не е специфициран во предлог законот за попис, а спомнато е само прибирање на пописните информации со користење на пренослив компјутер и истовремено користење на збирки на податоци. Во недостаток на јасни и прецизни дефинициии на постапките на попишување, се појавуваат многу методолошки дилеми и недоверба во веродостојноста на податоците кои ќе бидат собрани.
Нагласено е дека ќе има истовремено користење на податоци од збирките на податоци и попишување на теренот. Меѓутоа, никаде не е прецизирано од кои збирки на податоци и кои податоци за лицата, домаќинствата и становите ќе се користат, со која состојба и како ќе се комбинираат со податоците кои истовремено ќе се прибираат преку теренското попишување.
Имајќи предвид дека ќе се попишуваат државјани на РСМ кои имаат живеалишта во земјата, многу сериозно прашање е во кои збирки на податоци има сеопфатни и ажурни податоци за сите државјани?! На пример, за економските карактеристики, етно-религиските карактеристики, за статусот на инвалидитет и сл.
Мора да бидат наведени носителите на збирки на податоци за кои се финализирани проверките за расположивост и квалитет на податоците и нивната компатибилност со пописната методологија. Во спротивно, ова носи сериозен ризик да се предизвика голема недоверба во целиот процес.
Најпосле, еден загрижувачки преседан ја зголемува недовербата во предложената методологијата. Имено, во предлог законот за попис не е предвидено спроведување на постпописно истражување како инструмент за евалуација на опфатот и квалитетот на спроведениот попис. Недостасува и временската динамика за објавување на првите и дефинитивните пописни резултати.
Дали сме подготвени за пребројување во април 2021?
Одговорот на ова прашање е многу едноставен: не сме подготвени.
За пребројување не сме подготвени од многу причини, но како клучни може да се издвојат: нејасната пописна регулатива и состојбата со пандемијата COVID-19.
Со предложената законска регулатива релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис на населението само и единствено како статистичка активност, зашто не е дефинирано: кои се вкупно попишани лица; вкупно население; кои се збирките на податоци што ќе се користат, за кои податоци и за кои од лицата кои ќе се попишуваат ќе бидат користени и; не е предвидено постпописно истражување. Стручната јавност не е спремна да биде потценета со игнорирањето во оваа фаза, ниту пак да прифати неверодостојни пописни резултати кои може да имаат многу далекусежни негативни последици.
Пред сé, нејасната и непрецизна законска регулатива може да предизвика сериозни последици за реалното пребројување на вкупното население на РСМ и отсликувањето на неговите демографски, образовни, економски и други карактеристики.
Покрај тоа, сериозните размери, последиците и непредвидливото траење на пандемијата мора да бидат земени предвид и да се направи реорганизирање на клучните пописни активности. Имајќи ги предвид овие наведени околности, може да се каже со сигурност дека пописот на населението, домаќинствата и становите не е можно да се реализира во април 2021 година.
Во прилог на ова одат и препораките на Оделението за статистика на ООН (UNSD) и Фондот за население на ООН (UNFPA) кои во контекст на негативното влијание на актуелната пандемија, во септември 2020 година издадоа сет на препораки во кои како најразумно решение се предлага одлагање на пописите во државите кои ги интензивираат подготвителните активности.
Многу нејаснотии
Предложената законска пописна регулатива не обезбедува јасни одговори за тоа како ќе се обезбедат веродостојни, квалитетни и релеватни податоци за населението на РСМ и неговиот демографски профил. Подолу следува аргументацијата на којашто се потпира ова мое тврдење.
Најсериозен проблем е членот 5 од предлог-законот кој прецизира дека ќе се попишуваат државјани на РСМ без разлика дали се во земјата или се во странство, а тоа значи попишување и на лица (а потоа и нивните домаќинства и живеалишта) кои ниту се ниту ќе бидат дел од вообичаеното вкупно население на Македонија. Ова значи нереално зголемување на населението со лица кои живеат и работат во други земји.
Без јасна дефиниција кој ќе се попишува, кој ќе влезе во категоријата вкупно попишани, а кој во категоријата вкупното население на земјата, оваа најскапа статистичка активност ќе биде и најризичната статистичка активност за обезбедување на реални и веродостојни податоци за демографските состојби во земјата.
Попишувањето на сите државјани значи поистоветување на пописот со избирачкиот список, што од аспект на потребата да се знае вкупното население на Македонија за кое во наредните години ќе се однесуваат сите планови, политики и стратегии е создавање на политичка база на податоци, а не статистичка.
Попишувањето на лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Северна Македонија е легитимно според стандардите за попишување, но само од аспект на препораките да се попишат сите лица кои во време на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија. Без јасно прецизирање дека тие ќе бидат дел само од категоријата вкупно попишани лица, но не и на вкупното население, станува повеќе од јасно дека се работи за свесно таргетирање кон зголемено население на Македонија, но и за поинаква демографска структура од реалната.
Неопходна ревизија на пописната регулатива
Од сето погоре изложено, можеме да заклучиме дека за да се обезбеди реално пребројување нужно е сосема поинакво формулирање на законската пописна регулатива преку темелна ревизија или подготовка на нов Закон за попис, суштински различен од предложениот, кој ќе обезбеди јасен и прецизен опис на пописната методологија, што ќе ги содржи сите неопходни елементи за коишто беше дискутирано во овој текст дека недостасуваат.
За реално пребројување и обезбедување на доверба во пописниот процес и поддршка од населението неопходни се квалитетни и транспарентни пописни подготовки. Имајќи го предвид влијанието на сите фактори, најсоодветен термин за спроведување на следниот Попис би бил април, 2022 година.