Колумна Текстови

Денот на „победата“ над фашизмот или…? Тито не е во мода денес II дел– Наум ПАНОВСКИ

Сподели:

 

77 години од раѓaњето на Југославија и 28 од нејзината смрт

(продолжение)

И Полска нема да биде поштедена од бруталноста и насилството на сталинизмот. Нешто подоцна, генералот Војчех Јерузелски, со истите насилни методи, ќе воведе воена диктатура и за кратко време ќе ја запре долгата борба на движењето Солидарност и на работниците во Гдањск за поголеми работнички права и нивна слобода. Инаку, Солидарност ќе биде уште едно име во долгата борба против присуството на советскиот сојуз и против ограничувањата теророт на сталинизмот во Полска.

    Наум Пановски

Но, не е подобро ниту од другата страна на идеолошките барикади. Генералот Пиноче ќе изврши воен удар во Чиле против законски избраниот претседател, социјалистот Салвадор Аљенде, ќе воведе диктатура, ќе ги претвори стадионите во концентрациони логори, брутално ќе го убие режисерот, кантавторот и народен трибун Виктор Хара на стадионот во Чиле како предупредување за социјалистите, а Чилеанците долго потоа ќе ги држи под чизмата на своите фашисти.

 

Но, Eppur si muove. Светот продолжува натаму. Борбата меѓу доброто и злото продолжува на европско тло.

Германскиот канцелар Вили Брант, социјалдемократ, на изненадување на светот ќе клекне пред споменикот на еврејското востание во Варшавското гето во Варшава. Поклонувајќи се пред жртвите на нацизмот, тој ќе му покаже на светот како тој може да се соочи со своето грдо минатото, како јавно да се извини и да побара прошка за злосторствата извршени во име на неговиот народ. Имено, Вили Брант со тој голем гест со поклонот на жртвите ќе покаже како може да се случи помирување помеѓу Западот и Истокот.

За жал, Европа многу брзо ќе го заборави тој гест на добра волја и помирување.

Сепак, таа шанса Европа и светот ќе ја има на најневообичаен уште еднаш начин после тоа. Смртта на Јосип Броз Тито, можеше да биде  тој момент. Неговиот погреб ќе ја собере политичката елита на светот во тоа време. Таму ќе бидат и оние од десната и оние од левата страна на идеолошкиот спектар да му оддадат почит на антифашистот, антисталинистот и антиколонијалистот, Јосип Броз. И сталинистите и нивните лакеи, и водачите на таканаречениот слободен и демократски свет и оние од новоослободените земји од третиот свет. И тоа можеше да биде шанса светот да се помири, и оние кои се гледаа себеси како либерални демократи и слободни луѓе и оние кои за жал не видоа дека се уште се сталинисти, беа таму и стоеја едни пред други на погребот на Јосип Броз и молчеа. Тие тогаш или во тие денови можеа да си понудат рака на помирување и да побараат прошка за злосторствата што ги сториле едни на други во минатото. Но, не го сторија тоа.

По смртта на Јосип Броз во 1980 година, човекот кој претходно го обожуваа и идеализираа, а потоа го оспоруваа и дрско фрлаа кал на него, се појавува голема празнина во антифашистичкиот свет.

Истата 1980 година конзервативниот републиканецот Роналд Реган ќе победи на претседателските избори во САД. Светот ќе се врти уште повеќе надесно.

Наместо посакуваната демократизација на Европа, ќе се отвори простор каде што губитниците во Втората светска војна ќе излезат од мракот и ќе започнат чекор по чекор да ги освојуваат и истокот и западот и да ја разградуваат Југославија одвнатре.

Берлинскиот ѕид ќе падне, железната завеса ќе се тргне, Советскиот сојуз ќе се распадне.

На постаментот над кој стои статуа на Ленин во човеков големина, гледајќи во иднината, купена некаде во Одеса по распадот на Советскиот Сојуз, и донесена да стои пред една мала продавница за хамбургери во Далас, Тексас, ќе стои: „Ние победивме во Студената војна”.

Слободниот свет ќе верува дека комунизмот е поразен. Нема да види дека фашизмот повторно му се вселува дома.

Но, за да се постигне тоа целосно, за да се победи „комунизмот“, мораше да исчезне и Југославија. Единствениот последен бастион на антифашизмот и антисталинизмот во Европа, кој што им пречеше и на источноевропските сталинисти и на европските конзервативни моќници и на фашистите. Под маската на борбата за демократија и слобода, борбата за верските слободи и борбата против комунистичката диктатура на Јосип Броз, националистите, радикалните десничари, фашистите од сите бои, лицемерите и крадците, поповите и скотовите, ќе започнат крвава војна и ќе ја распарчат Југославија. И во таа крвава војна нема да се борат едни против други граѓаните на Југославија, луѓето кои до тогаш живееле заедно со децении, туку оние кои побегнале на крајот на Втората светска војна, во Германија, во Америка, во Австралија, во Аргентина и кои потоа ќе се вратат од емиграција да ги завршат започнатите и недовршени злосторства од Втората светска војна. Југославија, земјата што на многу начини можеше да биде модел за Европската унија неповратно ќе исчезна. На нејзините урнатини ќе се создадат мали националистички џуџиња од државите скарани меѓу себе. Духовите од минатото и иконографијата на фашизмот ќе дојде во мода повторно.

Во исто време кога Југославија се распаѓа, врз основа на Европската економска заедница и Договорот од Рим од 1957 година, во Мастрихт, 1992 година ќе биде потпишан Договорот за основање на Европската Унија. Тој договор формално правно ја воспоставува Европската унија како наднационална економска заедница. Овој акт на обединување ќе биде потпишан, се разбира, најпрво од истите оние европски држави што ја имаа потпишано и Шумановата Декларацијата на 9 мај 1950 година: Германија (сега обединета), Франција, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург. Првичните цели на ЕУ се, се разбира, исти како и целите артикулирани во Шумановата Декларацијата, а тие се, пред се: економска интеграција, единствен пазар и единствена царинска унија. ЕУ се дефинира со договорот како федерација во регулирањето на нејзините монетарни односи, земјоделството, трговијата и животната средина. Но ЕУ, исто така, се дефинира како конфедерација во економската и социјалната политика. Основата на која почива ЕУ се столбовите што ќе обезбедат безбедност и траен мир во Европа преку развој на економска интеграција и слободен пазар.

Убава и благородна идеја и постапка. Но, тоа не е доволно. Тоа е само економска интеграција на Европа и ништо поконкретно од тоа. Ништо за човековите права, науката и образованието, спецификите на културите и уметностите, здравјето и правото на здравствена заштита, ништо за независноста, специфичноста и испреплетеноста на разликите во договорот за обединување. Суверенитетот на државите е пренесен во ЕУ и во тој контекст се што е посебно и различно, поинакво, индивидуално и друго, е елиминирано или во најдобар случај фрагментирано. Интеграцијата се сведува на априорна, присилна, наметната и присилна соработка; на бришење на географијата, на заборавање на историјата.

Се промовира владеењето на правото, што многу често не е праведно, но е политички убедливо и прагматично обоено, или воопшто не се почитува. Закон без вистинска правда. Ништо од емпатија и солидарност за слабите, обесправените и надворешниот свет. Нема идеологија. Идеологијата не постои. Се разбира, освен идеологијата на пазарот, парите и профитот. Дезидеологизирана идеологија во одбрана на идеологијата која ја брани и афирмира наднационалната економска заедница. Еден тоталитаризам е заменет со друг. Важно е војна да нема меѓу Франција и Германија.

Дали можеби бизарната изјава на Ангела Меркел, на состанокот на подмладокот на нејзината конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ) одржан 2010 година во Потсдам, не го покажува тоа самопротекционистичко однесување на еден специфичен начин? Зарем таа на некој начин не ја дефинира идеологијата на ЕУ со изјавата дека обидите да се изгради мултикултурно општество во Германија е „целосно пропадната“ и дека концептот да се живее рамо до рамо и да се прават сите среќни заради тоа „не функционира“ бидејќи ние се „чувствуваме приврзани кон христијанскиот концепт на светот. Тоа е она што не дефинира. Секој кој не го прифаќа тоа овде, е на погрешно место тука“.

Христијанскиот концепт за хуманост? !!! Aut Caesar, Aut Nihil!

Фрау Меркел ќе зборува таму и за имигрантите и дека тие треба да се интегрираат и да ја прифатат германската култура и вредности. Се разбира, овие искази само додаваат масло на зголемената дебата во Германија за имиграцијата, нејзиното влијание врз Германија и степенот до кој муслиманските имигранти се интегрираат во германското општество, и уште полошо, тие им даваат ветер на крилјата на германските неонацисти. А и на екстремните националисти и фашисти во Европа.

Понатамошното однесување на Ангела Меркел можеби ќе биде малку поинакво и инклузивно, но факелите на фашизмот веќе се запалени и горат во Европа.

Се разбира, со цел да се избрише секоја идеологизација во ЕУ, да се отвори вратата за новото време и прагматизам на економска соработка, добрососедски односи и профитот во ЕУ, да се инаугурира принципот на пазарни интереси и профити без идеолошки знаци, („парите не мирисаат “), а во исто време да се брани„ христијанскиот концепт за човештвото “, мора да постои општо христијанско помирување и заборавање. Без било какво извинување за сторените злосторства во минатото во име на народот или идеологиите. Без разлика дали станува збор за фашистичките или сталинистичките злосторства. Или, да се послужиме со жаргонот  на Тери Иглтон, вие заборавате на злата што сме би ги направиле во минатото, и ние ќе се преправаме дека не сме ви направиле ништо. Заборавете на минатото за да бидете со нас и за да имате сомнителна иднина во светот поделен на класи. Ново-стариот свет на многу богати против многу сиромашни е тука.

Но, како што тоа добро го вели Милан Кундера, „борбата на човекот против власта и нејзината моќ е борба на сеќавањето против заборавот“.

Заборав и помирување, како цена за нов тоталитаризам диктиран од прагматизмот и желбата за профит по секоја цена, во христијанско општество што диктира прифаќање на неговите културни и религиозни вредности.

А Господ веќе одамна го нема.

Во понатамошниот процес на зајакнување и проширување на ЕУ, на патот поплочен со добри намери, лидерите на ЕУ на почетокот на овој век ќе направат, за жал, уште неколку катастрофални грешки во пристапот кон градење на нова Европа. Тие намерно или невнимателно со своите одлуки и однесување ќе овозможат фуриозна ревизија на историјата и брз раст на старо-новиот фашизам во Европа.

Имено, на 2 април 2009 година, Европскиот парламент ќе ја усвои „Резолуцијата за европска совест и тоталитаризам“. Со таа резолуција Европскиот парламент ги осудува тоталитарните злосторства и ги дефинира „Комунизмот, нацизмот и фашизмот како заедничко наследство“. Во исто време, резолуцијата повикува на „искрена и темелна дебата за сите тоталитарни злосторства од минатиот век“ и препорачува мерки за подигнување на јавната свест за тоталитарните злосторства.

Она што поранешниот чешкиот претседател Вацлав Хавел ќе го иницира во 2008 година со Прашката декларација, и веројатно ќе го стори тоа со добри намери и искрена желба да се расчисти насилството и наследството на сталинизмот и фашизмот, наскоро ќе се изврти и извитопери во нешто сосема спротивно.

И покрај тоа што  Декларацијата вели дека „целта беше да се спречи нетолеранција, екстремизам, антидемократски движења и повторување на какво било тоталитарно правило во иднина“, тоа не е постигнато.

Декларацијата за жал ќе овозможи крајната десница и крајната левица да се третираат некритички и на нив да се гледа на ентитети кои се сретнуваат и се спојуваат во толкувањето на минатото, а нацистите и комунистите ќе бидат изедначени и спорадично, во извитоперувањето, ќе им се менуваат места како криминалци. Теоријата за политичко-идеолошката потковица,  каде што се среќаваат црвените и црните, дека тие всушност се едно исто, ги освојува и Европската унија и државите аспиранти кои би сакале да бидат дел од клубот наречен ЕУ. Прохитлеровските сили се преку ноќ рехабилитирани. Холокаустот станува само едно од многуте злосторства извршени од двете страни на барикадата, и тој се негира како најмонструозното фашистичко злосторство и геноцид во Втората светска војна.

И не случајно, поради релативизацијата на фашизмот и изедначувањето на неговите злосторства со антифашистичката борба во Втората светска војна, познатиот ловец на воени злосторници од Центарот Визентал, Ефрем Зуроф, ќе рече дека Европската резолуција за совеста е „главниот манифест на движењето на лажна еквивалентност“. Меѓутоа, не само тоа, резолуцијата станува и манифест на недопуштена ревизија на историјата и повторната доминација на фашизмот во Европа.

Интересно е што изедначувањето на криминалците и жртвите, тоа искривување на историјата, по објавувањето на резолуцијата, станува некако насочено само против левицата и антифашизмот, против наследството на Црвената армија и нејзината улога во Втората светска војна, и против партизаните и борците на отпорот од сите европски земји. Се разбира, во тој контекст, тој е насочен и против наследството на 800.000 југословенски партизани, антифашисти и борци од НОВ и НОВ, кои излегоа на победничката страна по завршувањето на Втората светска војна.

И залудно човек во тој процес ќе бара осуда на теророт на генералот Франко, на фашистичката диктатура на Салазар во Португалија, или пак осуда на грчките монархофашисти кои беа немилосрдни кон македонските и грчките партизани за време на бруталната граѓанска војна во Грција и кои разделија повеќе од 25 илјади момчиња и девојчиња од Егејска Македонија од нивните родители и ги протераа од Грција. Број сличен на бројот на несреќни и убиени деца на Козара кои завршија во ужасот на Јасеновац, и за кои Европа исто така малку зборува или ништо не кажува.

Поддржана од мнозинството во парламентот на ЕУ, Резолуцијата ќе биде сила особено инструментализирана за време на неодамнешното чешко и полско претседателство. За да ја изврши својата мисија, таа исто така ќе добие и значителен буџет за своите активности доделен од заедничкиот европски буџет. Во исто време, Резолуцијата ќе биде изобилно финансирана и од невладини организации, вклучувајќи ја тука и десничарската фондација Роберт Шуман, која ќе придонесе за формирање музеи на меморија на злосторствата на тоталитарните режими. Во некои земји, овие музеи ќе ги минимизираат трагичните злосторства на холокаустот за сметка на „злосторствата на комунизмот и советската окупација на Источна Европа“.

Во таа општа ревизија на историјата и минатото, кога на чудовиштето на нацизмот му е дозволено да се шета по улиците на Европа, Југославија, заради нејзиниот антифашизам, кој, како што видовме, ќе се изедначува со наводен комунизам, не само што одамна ја нема, туку со неа треба да исчезне само нејзино име. Дури денес,и воопшто не е важно дали идејата поранешна Југославија да се нарече „Регион“ потекнува од Хрватска или Словенија, од Србија или од друго место, важно е дека Југославија мораше да биде тотално обезличена како антифашистички и антисталинистички ентитет и икона, да исчезне и да се заборави. И таа исчезна. Стана „Регион„. И кога Република Македонија, која под притисок и уцена од ЕУ и грчкиот клеро-фашизам беше принудена да го отфрли привременото име, поранешна југословенска Република Македонија, насилно стана Република Северна Македонија, тогаш шефот на БИПАГ, Флоријан Бибер ќе рече дека „во југословенскиот мртовечки ковчег е забиен последниот клин и дека конечно таа е погребана“.

Се чини дека ЕУ, со „Резолуцијата за европска совест и тоталитаризам“, му зададе тежок удар не на „комунизмот“, туку на европскиот антифашизам. Но, со таа резолуција, таа си истовремено си зададе уште поголем удар себе си. Се чини дека денес, поради тоа, сериозно се тресат темелите на ЕУ под налетот на фашизмот. И внатре и надвор од неа.

И тоа повторна марширање на неонацизмот, белата супериорност и расизам добро ги разниша и САД во текот на овие последниве години, кои беа секојдневно хранети и охрабрувани со расистичките изјави на Доналд Трамп.

Дали и како Европската унија ќе успее да се избори со неконтролираниот фашизам во сопствениот двор? Како сега ќе ја спречи полската партија на Правото и правдата да ги тероризира своите граѓани во нејзиниот двор, особено жените и левицата? Како Форца Италија на Берлускони, Австриската партија за слобода или оние околу Виктор Орбан во Унгарија ќе ги спречат во репресиите кон имигрантите и Ромите. Како ќе го запре новиот бран на ксенофобија во Чешка? Како Европа ќе престане да гради нови берлински sидови околу себе? Или, како ќе ги запре радикалните националисти на ГЕРБ, на Бојко Борисов во Бугарија и нивните геноцидни закани кон Македонија и Македонците, кои се повеќе ги тресат темелите на ЕУ?

Дали ЕУ ќе продолжи да се брани со својата консензуална неодговорност и ирационални принципи, кои го овозможуваат фашизмот во ЕУ и одвнатре и однадвор и со тоа го забрзуваат нејзиното неизбежно распаѓање? Или, конечно, ќе мора ли ЕУ радикално да се реформира, демократизира и секуларизира со цел да ги одбрани своите основни принципи на постоење?

И овие принципи, чија основна цел е, да повториме, единство, траен мир и просперитет на сите, се постигнуваат само кога тие навистина и бескомпромисно се засноваат во вистински антифашистички и антисталинистички наратив. И не само во сферата на правото, туку и во контекст на праведното  разбирање на сложената европска историја од минатиот век, и секако, кога овие принципи се градат врз знаењето на современата политичка филозофија, а тоа е секако либералната, просветителска, рационалистичка и хуманистичка мисла на Европа.

Дали ЕУ, следејќи ги стапките на Kniefall von Warschau на Вили Брант и на антифашистичка Југославија водена од Јосип Броз, сепак ќе се помири со самата себе и ќе го прогласи 9 Мај за Ден на антифашистичка Европа?

Меѓутоа, во овој момент кога светот се соочува со смртоносен вирус, кој не се грижи за пазарот, за профитот, кој не ги прашува луѓето што се идеологии, религии, нации, дали се луѓето црни или бели, дали се сити или гладни, дали е некој претседател на држава или питачи на улица и кога вирусот подмолно се инфилтрира во човечкото тело, се појавуваат уште неколку прашања:

Дали европските и светски политичари знаат колку сме сите немоќни пред силата и моќта  на природата?

Дали тие знаат дека соочени со природата не помагаат нивните идеологии и религии, нивните догми и ексклузивност, нивната себичност и грижа само за себе, за нивна крв и нивна почва?

Дали овој вирус, кој веќе добива катаклизмички димензии, ќе ги принуди политичарите не само во Европа  туку и во светот да се свртат кон создавање на похуман подобар свет, кој е насочен кон човекот, а не кон профитот и пазарот. Свет кој се заснова на емпатија и грижа за другите, и во кој има простор и за „вашите“ и за „нашите“? За сите!

Д-р Наум Пановски, професор по хуманистички науки и уметности, 21.ноември 2020 година. New Yоrк.

Сподели: