ДЕНОВИ НА БЕСРАМНОСТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Секој човек, аристотеловски речено, честопати стои пред прашањето: Дали навистина реално постои некаков најдобар начин на живот? Оттука, можат да произлезат разни одговори, ама срамот или бесрамноста се или директно, или контекстуално содржани во секој нив. Поинаку речено, срамот претставува елементарно чувство кај секој нормален човек. Секако, се подразбира дека срамот е присутен само онолку колку што некој го чувствува и дека само целосни изроди од човечкиот род може воопшто да не чувствуваат срам.
Гледајќи ги луѓето што како стока ги развозуваат низ државата на разно-разни митинзи и контрамитинзи, гледајќи како фалангата од ментални инвалиди се дере на протести и контрапротести, гледајќи како јавно разобличените за политички, финансиски и морален криминал на јавните собири и преку нивните партиски медиуми шират лаги, паника и страв, слушајќи ги лицемерите, облечени во скапи бунди, како злобно и бесрамно зборуваат за правда која ќе ја донесат преку комитските „долги ножеви“, човек може да го фати вртоглавица, или да добие незапирлив нагон за повраќање, или да посака да се симне од планетата Земја.
Помислиле некои дека Човекот е мисловно суштество кое има способност понекогаш да се срами. Така помислиле оти не живееле во ова наше време, па ги немале на увид нашиве портокалови амеби. Покажаа некои Македонци дека сета национална и индивидуална горделивост и моралност, кои си ги припишуваме, немаат некоја практична фундираност. Јасно е тоа, особено сега, кога видовме дека скоро половина милион наши луѓе се само „стока на пазарот“ која ја купуваат и рашетуваат по митинзи, протести, контрамитинзи, гласачки места… Впрочем, уште Еразмо Ротердамски убаво појаснил дека „Tinnulae tariones praecipuam habent vim ad parsuadendum“ (Доказите кои ѕвекотат /т.е. парите/ имаат особена моќ на убедување).
Сите наши портокалови политички криминалци се уверени дека нивната власт ќе трае цела вечност, па затоа бесрамно и без никаква мерка ни ги продаваат своите „мисли и зборови“ како божјо откровение кое не смее да се доведува под сомневање. Затоа и, навидум, се подготвени да војуваат против целиот свет. Ова неразбирливо и антимакедонско бладање на политичките авантуристи и интелектуалните проститутки околу нив, всушност, е само празно дрдорење за да се заплаши опозиционото размислување и да се спречат било какви промени на подобро. Меѓутоа, скоро општата халуцинантна опседнатост со семоќноста на братучедите и нивните питропи од партискиот врв, се само тоа – обични халуцинации! Промените, едноставно и неотповикливо, мора да се случат!
Додуша, имаме ние Македонците долга историја на срамот. Сетете се на фашистичко-терористичките профили на Александров, Михајлов, Протогеров, Черноземски и нивните соподвижници, кои беа поврзани со најзлобната и најрегресивна политичка опција на човечката опстојба низ вековите, сетете се само на нивната црна стихија на злото која ги пустошеше македонските и балканските простори во периодот пред и за време на Втората светска војна и ќе сфатите дека на македонскиот образ за навек е втисната неизбришлива срамна стигма.
Денес, повторно можеме да се срамиме од отровот и злобата кои во името на Македонија и Македонците се шират околу нас. Човек не може да поверува на сопствените уши како бесрамно се лаже, како бесмислено и демагошки се ломоти, како најголемите кривоклетници зборуваат за верба во вистината и правдата, како самодекларирани антимакедонци повикуваат на патриотизам и пресметка со „предавниците“. Во време кога трубите на злото трубат непрестано и со сета сила, а насекаде околу нас гледаме ужасна глупост и грандиозна бесрамност, се чини дека човек е премногу бессилен за било што логично и разумно да каже, било што да направи за да придонесе за подобро живеење на сите.
Сепак, дури и во ситуација на агресивно „перење на мозокот“ со бесмислици и демагогија, дури и во време на идиотска „македонска војна против сите“, нужна е деконструкција на бесрамноста и логично објаснување на доминацијата на националистичката и антицивилизациска политика. Поедноставено кажано, мораме денес да го кренеме својот глас против бесрамноста, за утре нас да не ни биде срам!