Џафери: Искрена почит за жртвите од Сребреница и сочувство до нивните блиски семејства

Сподели

 

“Со длабока тага и жал, денес кога сме собрани на комеморативната седница за одбележување на 11 Јули – Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, изразувам искрена сочувство во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име за жртвите на геноцидот до членовите на нивните семејства, до граѓаните и институциите на Босна и Херцеговина и нашите сограѓани Бошњаци”, се обрати претседателот Џафери на Комеморативната седница по повод 11 Јули- Денот за сеќавање на геноцидот во Сребреница.

 

“Како Собрание, откако со Декларација ја поддржавме донесената Резолуција на Европскиот парламент за Сребреница на 15 јануари 2015 година, секоја година го одбележуваме овој ден со одредена активност на која учествуваме или ја организираме  во законодавниот дом. Тоа е нашиот начин на оддавање почит на насилно одземените животи и застанување без двоумење во одбрана на основното човеково право на живот. Го осудуваме и јасно го именуваме како геноцид извршен во еден тмурен воен период во историјата на Балканот, кога човештвото се соочуваше со својот монструозен лик.

Во војна, паѓаат во вода сите морални, етички, хумани и разумни постапки на луѓето. Во војна, после војна, ништо веќе не е како што било претходно. Не може да се надомести празнината што останува на улиците, во домовите. Не се намалува ниту болката што се всадува во градите.

Тоа  го почувствував кога бев во Поточари пред неколку години. Го видовме и во очите на косовските избеглици. Го видов неодамна и во Украина. Секојдневието од ден на ден носи се позагрижувачки вести во блиското и подалечното соседство. Ние не можеме да ја ставаме  главата  во песок и да се однесуваме како да е се во ред и таму некаде далеку од нас. Во ова време на глобализација и напредна технологија и време на нови креативни начини на војување, мораме да се сплотиме! Живееме во свет кој е зависен од взаемната безбедносна поддршка, соработка, економска размена и трговија и задолжително сме свртени еден кон друг. Да застанеме цврсто еден покрај друг за безбедната иднина и опстанок на светот. Мораме да застанеме на страната на демократските вредности чии приоритети се човековите права и слободи, правото на живот и правото на избор. Затоа што, само така ќе победи доброто врз злото, разумот врз безумието. Затоа што сите сме пред сѐ и над сѐ – луѓе! Секое човечко суштество заслужува достоинствен живот, но и достоинствена смрт. А за тоа кога таа ќе настапи, тоа право не е ниту прерогатив, ниту со закон утврдено само за одредени поединци.  

Денес, многу повеќе ќе сакав да бевме собрани за да го прославиме животот како благослов со сета своја убавина. Сепак, исклучително е важно да се потсетиме на сета горчина и болка од геноцидот во Сребреница. Да се потсетиме дека тоа може да се случи повторно, доколку не се заложиме да градиме вистински релаксирани, демократски општества, каде владеењето на правото и почитувањето на човековите слободи и права, почитувањето на различните и имањето обѕири кон послабите и немоќните е норма и правило, а пред сѐ, е природно и стандардно.

Затоа, дозволете оттука да апелирам да се посветиме максимално, затоа што ги имаме сите услови а како интелигентни битија, имаме и човечка и морална одговорност секогаш да наоѓаме мирни решенија за секое недоразбирање, по дипломатски пат, со отворен и конструктивен дијалог помеѓу страните.

На крај, дозволете да ја повторам мојата искрена почит за жртвите од Сребреница, и да изразам сочувство до нивните блиски семејства со надеж дека никогаш повеќе нема да се повторат горките лекции од минатото”.