Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски формираше Работната група за изработка на нацрт – национална стратегија за развој на културата за периодот од 2018-2022 година, во состав: Златко Теодосиевски, ликовен критичар и советник – куратор (координатор на работната група); Искра Гешоска, културен работник од „Јадро“- Асоцијација на независната културна сцена; д-р Валентина Поцеска, советник – конзерватор, м-р Валмира Истрефи, урбани студии; м-р Џевдет Јашари, актер и предавач на Факултетот за драмски уметности на Тетовскиот универзитет; Магдалена Диковска, кабинетски службеник за правни работи во Министерството за култура; и Гоце Божурски, советник во Одделението за визуелни уметности, архитектура и дизајн во Министерството за култура.
Задача на Работната група е да изработи концепт и нацрт на стратегијата, кои ќе бидат доставени до министерот за култура и ќе бидат предмет на јавна расправа со сите заинтересирани страни во претстојниот период, сè до донесување на стратегијата на крајот на 2017 година.
На конститутивниот состанок, при запознавањето на избраните експерти со конкретните задачи и надлежности, министерот Алаѓозовски истакна дека од јавната расправа очекува сериозен влог од сите засегнати страни во сите културни дејности, бидејќи тоа всушност ќе значи придонес на културните чинители во сопствен интерес, но и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Заеднички заклучок на членовите на Работната група е дека им претстои сериозна и макотрпна работа, во која ќе треба дополнително да бидат вклучени и поширок спектар на стручњаци и познавачи на сите сектори во областа, како и дека очекуваат да произведат документ кој нема да биде само „мртво слово на хартија“, туку суштински документ кој ќе биде водилка во стратешкото спроведување на новите културни политики на новата Влада, кои ќе доведат до вистински промени и ќе придонесат до поголем квалитет, вклученост, одржливост и напредок за културата и уметноста во нашата земја на подолг рок.