Г.г. Стефан и патријархот Неофит: Едногласно одлучивме БПЦ да ѝ биде мајка црква на МПЦ

Сподели

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан денеска бил примен од патријархот на Бугарската православна црква (БПЦ) Неофит, јавува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Станува збор за прва средба на поглаварите на двете цркви, откако БПЦ прифати да и биде мајка црква на МПЦ, како чекор кој треба да доведе до признавање на нејзината автокефалност.

Архиепископот Стефан бил придружуван од митрополитот на преспанско-пелагониската епархија, Петар, одговорен за надворешните односи на МПЦ-ОА.

– Не е лесен крстот кој бугарската црква го има, бидејќи досега ништо не е сторено за проблемот со македонската архиепископија. Ајде сега, со Божјата премудрост, учесниците во меѓуцрковната комисија да го донесат резултатот што го сакаме – изјавил бугарскиот патријарх Неофит во емисијата „Вера и општество” на бугарската телевизија.

Поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан се заблагодарил на сите во Бугарија кои ја поддржуваат желбата на МПЦ да добие признание за својата независност и истакнал дека писмото со барањето до БПЦ било едногласно прифатено од Синодот на Македонската православна црква.

– Писмото што го испративме до Бугарската патријаршија дека таа може да е наша црква-мајка едногласно е прифатено од нашиот Свет синод. Некои од соработниците можеби и имаат свое видување, но важно е што решава и вели мнозинството – изјави архиепископот Стефан.

Синодот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија го прифати барањето да ѝ биде мајка црква на Македонската православна црква и да ја застапува пред помесните православни цркви.

Писмото со барањето од архиепископот на МПЦ- ОА, г.г. Стефан беше испратено од БПЦ на 9 ноември.

meta.mk