Интервју Текстови

ИНТЕРВЈУ СО ЕВРИДИКА НИКОЛОВСКА: ПР-ОТ Е ДА НАУЧИШ ПАМЕТНО ДА СЛУШАШ!

Евридика Николовска... Цели 12 години посветена на својата професија. Таа одбира да се именува како практичар во сферата на односите со јавност. Единаесет години е професионалец во корпоративните комуникации и дел од комуникацискиот тим на една од најголемите македонски компании „Македонски Телеком“.  Нејзиниот успешен од низ кариерата неодамна доби исклучителна потврда кога таа стана добитник на престижната награда за односи со јавност на просторите на Југоисточна Европа: PRO.PR AWARDS – најдобар PR практичар во Република Македонија за 2016 година.  Во придружниот документ пишува „за нејзин придонес и несебична посветеност на развојот на професијата односи со јавност“.  Наградата и е доделена од меѓународно тело составено од светски експерти во доменот на односите со јавност. На годинешната, јубилејна, 15-тата по ред  PRO.PR Конференција, што годинава се одржа во април, во Хрватска, врачено и е  и уште едно симболично признание, кое воедно е и уметничко дело на млади хрватски уметници и претставува шише во кое има порака за пријателство, комуникација, договор. Зборови како за неа! 

 

ДЕНЕС: Почетокот на самоизразување се јавува во новинарството… Петнаесет години  бевте присутна во медиуми, во кој најголемиот печат го оставивте во неделникот “ДЕНЕС”..

Евридика НИКОЛОВСКА: -„ДЕНЕС“, тоа е таа авантура на духот за која секој студент по новинарство сонува кога се подготвува со своето „перо“ да го преврти светот наопаку. Јас го живеев својот новинарски сон во „ДЕНЕС“. Учев од македонски новинарски бардови, се чувствував слободно, лесно трчав по моите приказни, пишував со страст. Тоа не може да не остави печат. Кога се нурнав во овој новинарски предизвик се почувствував како конечно да сум стасала на некое мое новинарско Хаваи, по долго талкање низ седум мориња и седум планини. Бев среќна, креативна, работев на теми кои ми лежеа на срце и работев жанрови кои најмногу ги претпочитав. Најтурбулентните времиња за Македонија и регионот на почетокот на новиот милениум, ми донесоа најголема професионална возбуда… но, веројатно тоа е таа новинарска карма. Стануваш хроничар, но уште повеќе низ својот запис, некогаш меѓу редови, некогаш и не толку фино, ѝ предочуваш на твојата публика дека е можна и една друга, поточна, понормална стварност и веруваш дека ја остваруваш твојата корективна општествена улога како креатор на јавното мислење.

ДЕНЕС: Слушањето е вештина што е својствена на новинарите, но и во некоја метаморфозирана форма е присутна во ПР..

Евридика НИКОЛОВСКА: Децениската пракса ме научи дека ПР-от, колку и да звучи контрадикторно, е, во најголем дел, умешно молчење – со цел паметно слушање. Едно без друго не оди, или, барем, не во моето поимање и практицирање на ПР-от, зашто на патеката каде се разменуваат звукот и тишината есенцијална е емоцијата, искуството, доживувањето, што ѝ дава „живот“ и го открива вистинскиот код и интонација на пораката за таа да е верна и веродостојна. Нејзиното формулирање во зборови или друга комуникациска форма, потоа, е само врвот на замрзнатиот комуникациски брег. А, ако добро слушнеш, значи и добро ќе разбереш и понатаму, без шум ќе управуваш со пораката, било да е новинарска, или пак да е ПР-овска. Тоа е мојот личен принцип на работа и приод кон професијата.

ДЕНЕС: Евридика сигурно чекори помеѓу сегашноста и иднината во кариерата…

Евридика НИКОЛОВСКА: Само да сме живи и здрави. Одбирам, додека сум во оваа професија, да не престанам да откривам, да искусувам и учам, да пронаоѓам предизвици кои ќе ме тангираат и како приватна личност и како интелект. Така чекорам кон иднината.

Секој нов предизвик ме прави позрела и поискусна, помудра, па и похрабра и подобра во кој било следен проект. И поподготвена за она што го носи иднината. Имам намера да одам подлабоко во мојата специјалност како комуникатор, а она што го имам акумулирано и што сѐ уште го акумулирам како знаење и умешност, да го пренесувам на помладите колеги низ секојдневното практицирање.
ДЕНЕС: Личност која плени со упорност во работата, скромно и тивко, но ги урна сите бариери за начинот на достигнување преку постојан и доследен квалитет..

Евридика НИКОЛОВСКА: Може ли тука да се повикам на описот што по повод информацијата за мојата награда пред некој месец ми го напиша на ФБ профилот една моја драга пријателка која, ако го прочита ова интервју, секако ќе се препознае ? Не ми е баш грижа што во цела моја скромност, тоа изгледа нескромно, зашто тој пост е спакуван во една вербална бајадера, која, признавам, извонредно ми годи и на која знам со задоволство да се присетам. Има куративно…. ма, има волшебно дејство врз мене. Парафразирано вели: Браво, заслужено! Секогаш одмерена во реакцијата, прецизна во зборот, со мудра мисла и со соодветен третман на моментот. Е па има ли поубаво?! Сакам да верувам во ова кристално огледало на еден природен талент за ПР и квалитетен практичар на професијата. А, квалитетот се трудам да ми е константа во моите професионални продукти, но и во секој аспект на личниот раст и развој. Не верувам во приказни дека некој неквалитетен човек е квалитетен професионалец. Не сум видела досега неквалитетен човек да даде квалитетен производ во она што го работи. Некаде во процесот нема шанси да не се отслика недостатокот.

ДЕНЕС: Приватното и професионалното се споени во едно самоизразување..

Евридика НИКОЛОВСКА: Како и да завртиш, сакањето е тоа што ме тера да си врвам по патот, и приватно и професионално и… како сакаш. И сѐ ми е споено во една феноменална срцевина, без која ништо не би ми имало значење. Љубовта, мојата точка на себеизразувањето. Си го сакам семејството и кутрето, си ги сакам пријателите, си ја сакам работата, им мислам добро на колегите, се восхитувам на моите драги сопатници од Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“ во креирањето подобар свет за децата, љубам готварски предизвици, читање и пишување, љубам „легачење“ во моето прибежиште во Соње, а најмногу кога ќе се нурнам меѓу луѓе и ќе си „брборам“ со нив. Сѐ ова мене ми е љубов.

ДЕНЕС: Професионалец, но и мајка и сопруга..

 

Евридика НИКОЛОВСКА: Од мрзливите мајки сум. Имам две убавици од 21 и 13 години, кои за нивна жал, мораат сами да станат да си земат чаша вода, понекогаш и да си направат нешто за јадење, да раскренат по дома. Со тешка борба и многу отпор од нивна страна, но, секој пат сѐ повеќе напредуваме. И од традиционалните мајки сум, сакам тие мене да ми донесат чаша вода, убаво да размислат пред да приговорат за нешто и да ми ја измасираат главата кога ќе дојдам дома. Но, така почнува нашето дневно дружење, кога сешто ќе кажаме и ќе се изнаслушаме, а потоа, сѐ се претвара во заразна смеа.   Од тие сопруги сум кои речиси 22 години неуморно се обидуваат да станат шијата на сопругот за тој да ја врти главата како што јас ќе му го свртам вратот. Двајцата нѐ забавува овој мој секојдневен ентузијазам. Во проектот „брак“ можам да кажам дека сигурен успех имам во почитувањето и добивањето почит кон личната слобода на избор. Слободата ми е идеал и професионално. И секако, тоа е моја дефиниција за среќа.

 

ДЕНЕС: Амбициите го трчаат маратонот, едноставноста и е границата..

Евридика НИКОЛОВСКА: Сакам да напредувам, да. Сакам и животот да ми е едноставен. Но, второто нема да го жртвувам за првото и на амбициите им поставувам граница, црвена линија. Да не ми навлегуваат во мојата едноставна, повеќе би рекла чиста релација со животот. Не сонувам за движење во нагорна линија на хиерархиските скалила во компанијата. Амбициозна сум во обратна насока, во продлабочување и постојано збогатување на практичното и теоретското знаење за ПР, на кое што во моментов сум посветена преку изготвувањето на мојот магистерски труд од доменот на стратегиските комуникации. Велам „не“ на хиерархиската амбиција зашто би ми влеала немир, едноставниот, чист и ведар однос кон сето она што ми го осмислува животот е мојот мир. Тука е и граничната линија и добро е сѐ додека е така.

Подготвил: Соња Ајановска Деловска

 

Сподели: