Ние веќе сме во Третата светска војна! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Се сеќавате на малото девојче од Сирија, кое умирајќи од глад рече: „Сето ова ќе му кажам на Бога“. Изгледа му кажала!

Светот сериозно се соочува со глад. Дневно умираат над 25 илјади луѓе низ светот (најмногу деца), како последица од војната во Украина и блокирање на нејзината житница.

Мерсел Биљали

Украина е позната и како „корпа за леб на Европа“ – вредна над 30 милијарди долари годишно. Но, оваа година поради руски напади сеидбата драстично е падната. Денес над 700 милиони луѓе во светот живеат со помалку од десет оброци неделно! Следната година, на „списокот на глад“ ќе се додадат уште пола милијарда луѓе ширум светот. Дмитриј Рогозин, кој важи за еден од најблиските соработници на Путин, за руската национална телевизија изјави дека „Европа ќе замрзне зимава без руски гас и дека ќе има многу помалку храна“. Обединетите нации и нивната програма за храна (ФАО), соопштија дека во моментов над 800 милиони луѓе ширум светот се изложени на ризик на делумно или целосно гладување. A деновиве повторно блокада за извоз на украинското жито, наводно, поради тоа што „Украина извршила напад врз бродови на Црноморската флота во Севастопол“! Украинците демантираат тврдејќи дека Русија сака да ја искористи гладта како замена за нуклеарно оружје. И дека Путин знае да позајми чадор само кога времето е сончево.

Сега околу 25 милиони тони жито скапуваат во Одеса, на бродови или во силоси, бидејќи пристаништето е блокирано од руската морнарица. А милијарда луѓе „маршираат кон гладување“! Русија има познато искуство на тој план дури од Советскиот Сојуз со злогласното „Холодомор“ (измачување со глад), кога десетина милиони нејзини граѓани поради политички причини морале да умрат од глад. Денес повеќе држави ова го сметат за „злочин против човештвото“, а 40 држави веќе таквото измачување со глад го имаат прогласено за „геноцид“.

Тука одговорноста е на Путин, а негов главен сегашен сојузник е очајот. За разлика од неговиот говор на 24 февруари, кога тој го најави почетокот на инвазијата на Украина, и кога изгледаше полн со себе, сега тој се појави во дефанзива, што е знак дека на Русија не и оди добро. Но, неговите лаги се слушаат и тогаш кога тој молчи. Тој, цврсто држејќи се за минатото и обидувајќи се вината да ја префрли на Западот, уште еднаш се закани, но говорот на телото го издаде. „Ќе извршам притисок врз оние земји кои сакаат да го следат сопствениот пат на развој“ – рече рускиот лидер на средбата со шефовите на разузнавачките служби на Заедницата на независни држави (која патем речено е пред распад).

По неуспешната инвазија врз Украина, рускиот претседател Путин најави „делумна мобилизација“ и во континуитет се закануваше со „тактичко“ нуклеарно оружје доколку војната се прелее на руска територија. Но, за три дена, Украинците повратиле повеќе територии отколку што Русите освоиле од фебруари месец. На 200-тиот ден од инвазијата, руската армија беше принудена да направи понижувачко повлекување преку линијата на фронтот кон исток и да се предаде пред украинските војници кои за три дена влегоа 50 километри во окупираната територија. Сега Украинците ја пробија линијата на фронтот источно од Харков, принудувајќи да се повлечат големите руски контингенти од неколку места, од кои најважни се Изјум и Купјанск. Сега Русија повеќе нема целосна контрола врз регионот Луганск, која е една од клучните воени цели на Путин.

 

Светска енргетска војна!

Поставувањето експлозив под гасоводите „Северен тек“ 1 и 2, во дното на Балтичкото Море, дефинитивно ги потопи последните надежи дека војната наскоро ќе заврши. Претходно „Société Générale“ анализираше дека Германија, и покрај американскиот притисок, сакаше да го одобри пуштањето во употреба новиот гасовод „Северен тек-2“, но уште еднаш се покажа дека силата бога не моли. Но, преостана Европа самата да се моли на Бога за блага зима!

По руската воена интервенција во Украина, ЕУ и многу други земји во светот се соочуваат со исклучително тешка ситуација во снабдувањето со гас, нафта и електрична енергија, факт што се заканува со човечки страдања во зимата што доаѓа, оти треба доста време за преориентирање кон другите конекции и обновливи извори на енергија. Во последните децении, главните увозни енергенси се нафтените деривати, кои сочинуваат речиси две третини од увозот на енергија во ЕУ. По нив следува гасот (27%) и цврстите фосилни горива (6%). Русија беше главниот снабдувач на сите три извори на енергија во ЕУ.

Катастрофата што го предизвика Чернобил пред 26 години и цунамито во Фукушима (Јапонија) во 2011 година, се чинеше дека неповратно ја отстрани идејата дека нуклеарните централи треба да бидат иднината на енергетските потреби на светот. Од друга страна, руските условувања за напојување со гас и нафта уште еднаш го предизвикува Западот и светот во која насока ќе треба да ги градат нивните енергетски политики, ако Путин овие енергенси ги користи како геополитико оружје. Русија, со воена интервенција во Украина, овај пат дебело се излажа во уверувањете дека ЕУ пак ќе ги затвори очите, како што Меркел правеше за Грузија и Крим. Но, се случи неочекуваното. Западот, се спротистави толку единствено, што ниту на сон Кремљ не можеше да замисли.

Што се однесува до гасот, речиси три четвртини од увозот во ЕУ доаѓаше од четири земји: Русија (41%), Норвешка (16%), Алжир (8%) и Катар (5%). Но, руските тактики со турбините на гасоводите го принудија Западот да бара алтернативи, дури да ги врати во игра и нуклеарните централи, па и тие со јаглен. Сега нуклеарната енергија ја користат 32 земји во светот како резултат на зголемената потреба од електрична енергија, вклучувајќи ја и Кина, која веќе има најголем број реактори. Тука се и Индија, Полска и Чешка. Но, и многу други земји се подготвуваат да го сторат истото – Велика Британија, Франција, Холандија, па дури и Соединетите Американски Држави.

Алтернативни гасоводи

Азербејџан, од своите гасни полиња Шах Дениз, сега го има зголемено извозот на гас за Европа за 30 отсто. Министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, изјави дека вкупниот обем на испораки на гас во Европа оваа година ќе достигне 12 милијарди кубни метри, што е зголемување за 31 отсто во споредба со 2021 година. Во наредниве години тој процент треба видно да се зголеми, а за тоа е потребно проширување на гасоводната мрежа која знае да потрае со години.

Тука улога ќе има и Транс-јадранскиот гасовод (ТАП) кој има капацитет за околу 15 милијарди кубни метри гас годишно, но тешко е да се договори одредена количина гас за другите држави, бидејќи транспортниот капацитет е веќе резервиран за Грција и Италија. Но, постои можност ТАП делумно да ја снабдува и Албанија, бидејќи минува низ нејзина територија. Во исто време, регионалните гасоводи со помал капацитет имаат можност да се поврзат со турскиот мегагасовод – ТАНАП, или барем да полнат гориво од неговите терминали блиску до турско-грчка граница. Но, има и други начини ЕУ да увезе повеќе гас од Азербејџан. Уште сега е потпишан меморандум, кој предвидува обврска на земјите производители да го удвојат капацитетот на јужниот гасен коридор со цел да испратат најмалку 20 милијарди кубни метри гас годишно во ЕУ до 2027 година. Во сето ова каша, Македонија засега добро се снаоѓа.

Пред неколку дена, претседателката на Европската комисија, Лајен изјави дека новиот меморандум отвора ново поглавје во енергетската соработка со Азербејџан, кој е клучен партнер на ЕУ за намалување на зависноста од руските фосилни горива. „Ние не само што сакаме да го зајакнеме постојното партнерство, туку и да ги поставиме темелите на долгорочно партнерство во областа на енергетската ефикасност“ – рече таа.

Во меѓувреме, Русија се чини дека го тестира пулсот за придвижување на дистрибуцијата на гас од север кон југ преку изградба на јазол што ќе го поврзе со „Турски поток“, со цел да го продаде својот гас на која било европска земја преку Црното Море. Тука се надевала на Бугарија, Србија, БиХ, Унгарија итн. Но, очигледно, ова ќе остане само желба со многу ризици. Да не заборавиме дека во ситуација кога некој со експлозив ги разнесе двата гасоводи „Северен поток“ 1 и 2, сличен обид не е исклучен ниту со некоја евентуална јужна руска импровизација. Тоа, добро го знае Турција, која постојано тактизира одржувајќи баланс меѓу Западот и Русија, но факторингирајќи се себеси. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган деновиве истакна дека Турција нема да има проблеми со увозот на гас од Русија оваа зима. Нагласи и дека Турција се претвора во голем гасен јазол, што е голем надеж на светот. Тој се пофали со електричната енергија произведена од ветерните и соларните централи дека заштедил цели седум милијарди долари во последните 12 месеци.

Многу анализи покажуваат дека доколку Брисел не даде се од себе за да ги ублажи последиците од енергетската криза, тоа може да создаде големи проблеми во самата Европа. Незадоволството во регионот се пожелни за Русија и Кина, кои држави сакаат да го зголемат своето влијание – оценува германски „Welt“. Овде особено се споменува Западен Балкан, кој како по автоматизам го вклучува црвеното светло штом слуша аларм кај и да е во светот!

Европа се тресе!

Европа, која зависи од руските испораки, ја обвини Москва дека ја користи енергијата како геополитичко оружје. „Енергетската стратегија на ЕУ во моментов наликува на возило со дупнати гуми на сите четири тркала“, – нагласува западен експерт. Европа се соочува со сериозни економски и политички проблеми. Сега веќе се сменети четири влади на нејзина територија: британска, бугарска, италијанска и естонска. Луѓето се соочуваат со нагло поскапување. Голем дел од светот задржува рамнодушен став кој повеќе или помалку ја фаворизира Москва. Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка, и скоро сите арапски држави – се држат настрана од овој конфликт и си ја гледат својата работа – изјави пред некој ден унгарскиот премиер – Орбан (кој изгледа отворено е на страната на Русија)!

Веќе кажавме дека Западен Балкан, од секоја болест на некого во светот, по автоматизам добива температура. Тука, лесно ненормалноста се спакува во патриотската амбалажа. За енергетските прашања, ЕУ треба да почне регионот да го третира како свој дел. И последните гранти докажуваат дека лекцијата е учена. Тоа, не само поради географската близина, туку и поради потенцијалната опасност што ја претставува регионот на Западен Балкан поради многуте обиди да се влијае од надвор. Ако се сруши куќата на соседoт, тоа не значи дека вашиот дом ќе изгледа добро. Евентуалната дестабилизација на регионот е опасност за целата ЕУ – пишува германскиот весник „Welt“ и продолжува: „Западен Балкан е стратешки важен како копнен мост меѓу јужното крило на NATO и Централна Европа. A таму каде што ЕУ не е доволно присутна, другите актери се шират. Претходните години го покажаа тоа. Во случајот со Русија, тоа сега е особено очигледно, но Кина, како систематски ривал на Западот, пропагира неолиберален светски поредок низ целиот свет. Антизападната реторика е исто така присутна, бидејќи многу луѓе од Западен Балкан се разочарани од бавните процеси на пристапување.

Конечно, светот ако се спаси од катаклизма, ќе треба да смисли нов светски поредок, оти постојниот е во целосен колапс. Тоа нема да биде лесна работа!