Алтернатива Скопје Чита

Од “Медена земја” кон “пуста гора” – Соња. Р. Јовановски

Сподели:

 

Од “Медена земја” кон “пуста гора”… Во пуста гора!!! – изустив …и наеднаш се скаменив од тоа што го изговорив… “ПУСТА ГОРА” е – …пред многу децении баба ми Елена ми објаснуваше дека е многу страшно да се изговори тоа, а не пак да се посака таму да се оди. Бев дете…и не го разбирав ниту семантичкото, ниту пак апотрофејското значење на оваа честа изрека на мојот народ… А мојата баба беше толку надарена и трпелива кога требаше да ни укаже што “не треба да мислиме и што не треба да правиме”, за да научиме што треба да научиме за наше добро. – Слушај ќерко, пуста гора е најлошото место за човек …ако замини човек таму…враќање нема. Таму, навидум, има сè, има дрвја, има жбунови, има птици кои навидум пеат приспивни песни…и веднаш можат да те заспијат…има и диви животни кои изгледаат како во сликовница, има и патеки…но, каде и да тргнеш никогаш неможеш да излезеш од таа пуста гора и никогаш неможеш да го најдеш патот за да се вратиш назад…сè е вистински лавиринт без излез…има и такви нешта кои ти изгледаат толку привлечно што те бодрат и залажуваат за да продолжиш се подлабоко, и на крај…има само крај… само толку и само тоа …

Поминаа децении од кога ја добив лекцијата за значењето на „пуста гора“. Наеднаш се освестив…зошто помислив така? Зарем до толку сè ми преседнало овдека што ме натера да помислам на “пустата гора”… Наеднаш целата таа слика што ми ја создаде мојата баба Елена ме потсети на целокупната ситуација на сè што гледав и гледам околу мене, околу нас….зарем ние не сме веќе во „пуста гора“ се исплашив … тогаш сфатив дека тој „надворешен свет“ е токму налик на „пуста гора“ и сето она што се случува децении наназад во мојата чудесна земја Македонија… Многу нешта ме допреа толку силно што ми изгореа дел од душата…но, низ тие животни битки научив дека “човекот” може да се дигне од провалијата само ако умее да се радува на туѓата среќа… Во истиов миг ми дојде олеснувачко чувство што си создадов свој свет, си создадов хармонија од хаосот и во хаосот…се обидов во амбисот негов да видам љубов што животи собира и поврзува и тоа распрснати насекаде по универзумот….никогаш, ни најмалку не ми беше важна нивната раса, религиска и етничка припадност….ми беа предизвик само суштината, случувањата и навиките нивни кои речиси сплотени на начин кој го именував како “проблесок” и нивната точка каде се спојуваат и тоа не во „едно“, туку во “едно ништо”, или како што дервишите го нарекуваат тоа во едно ИЧ …тоа ич, таа точка, јас си ја прикажав во мојот филм „ТИ СИ АЛЕФ“ и почуствував дека завршив една од моите мисии… Многупати досега говорев за неуморниот патник Алеф и сакав преку неговите допири со другите култури да дојдам до поедини одговори…секогаш ме интересирала двосмислената игра меѓу животот и сонот, меѓу минатото и сегашноста и се повеќе сфаќам дека таа игра е се поблиску до неизвесноста што владее во нашето секојдневие, отколку до сигурноста на Скарлет О`Хара дека „утре е нов ден“. Незнаеме што не чека утре, дали нов ден, дали ќе не осамни, или пак, сè ќе ни стане мрак кој води до “пустата гора”… Болката по моите не стивна ни за миг, што каде и да одев, кога и да легнев да спијам го слушав толку силно сопствениот крик од длабочината на утробата и заглушуваниот татнеж од празнината во душата од мигот кога ги изгубив…Се бунев честопати, дали тогаш влегов во „пустата гора“ или од што многумина се влезени во „пустата гора“ направија животот да стане толку суров и несигурен… Но, морав навидум да се помирам дека во едно бев сигурна дека многу од човечките битија вообразувајќи се дека постигнале „знаење со моќ“ престанаа да се плашат и токму таа загуба на стравот за губење на човечкото во нив ги доведе во амбисот на бестрашност и бесрамност…тука ќе застанам…бидејќи ги замислив сите нив во „пустата гора“ и сфатив дека таму дури и за нив е премногу страшно и никому не му го посакувам престојот во “пустата гора”… Посакав никогаш повеќе да не помислам ниту на нив, ниту на „пустата гора“ бидејќи се повеќе бев сигурна дека на водечките умови од секогаш им недостасувала рамнотежа…и дека се губат по патеките на славата за моќ…заборавајќи на своето битие и на сите околу нив. Во потрагата на себе сфатив дека каде и да заминеме сите ние, не можеме да избегаме од нашето битие…можеме од сè да се ослободиме, но, од нашето битие неможеме, за жал, или за среќа…бидејќи така не учеле, така и “ние” ги учиме младите дека личностите не ги конституираат вредностите, туку вредностите ги конституираат личностите.

Но, овие денови едновремено почуствував и огромна среќа, но и големо разочарување… За првпат во нашето битисување имаме номиниран документарен филм за Оскар и тоа во две категории…Филм кој по редот на нештата кај сите од нас најпрвин, треба да ни влее неизмерна радост…бидејќи филмот испраќа една многу возвишена порака до сите човечки битиа за освестување за взаемноста на човекот и природата, од кој зависи нашиот живот со сета целокупност на живеење, битисување на планетата…Филм за доживување на постоечкото, како белег на едно време, во еден простор, кај одредени индивидуи… Што се не прочитав и не слушнав за филмот. И се уплашив повторно…до каде оди човековиот ум, какви се мисли произведува, до каде оди човековата злоба. Не сакам да коментирам дека на ова парче земја наеднаш ко печурки изникнаа критичари по сите области…А знаеме дека печурките никнуваат претежно во “пуста гора” претходно запалена од некој си (не)човечки ум со цел да добие моментален бенефит… До каде ќе одите со злобата, лошотилакот и зависта? Испукаа и сите мерни единици за мерење на овие ваши фрустрации… Е, па драги мои засукајте ги ракавите, распослајте го сето ваше време, вклучите ги сите сетила најпрво да препознаете што е идеја, организирајте толку многу човечки ресурси кои имаат и образовна и емоционална интелигенција, и тргнете БАРЕМ ЕДНАШ на терен за да пробате да создадете ЕДНО ДЕЛО…

Е, тогаш, “пеки” можеби и ќе застанеме да Ве слушнеме што имате да кажете… А до тогаш излезете од својот круг на  СЕЗНАЈКОВЦИ…пшшшштттттт!!! и оставете ги креативците да создаваат. Можеби токму преку нив вашите деца ќе ја распакуваат пораката какви треба да бидат…или како (не)треба да даваат мислења за нешто што нема сеуште допир со нивниот (свето)глед… А, до тогаш….барем замолчете за да не заминете сами во “пуста гора”… Многумина од нас и вашите гласни зборови ќе ги издржиме, но, што ќе им оставите вие за пример на вашите деца??? Кога секој би тргнал по патот на спознанието за себе, или би му помогнал на блискиот да успее да го изоди тој пат…човештвото би ја имало во својата основа првобитната парадигма на постоењето – љубовта кон себе, кон ближниот, кон битиата кои добробитта ја носат насекаде со себе… Нема совршен свет и нема совршени битиа, има само луѓе и нелуѓе (трети нема)….и секогаш во најголем дел се умира од себе самиот…затоа секогаш ми значи да бидам свесна и да посакувам да ја запаметам мудрата изрека – Не “кради” нè од нас самите, затоа што човештвото еден ден навистина ќе стане само една точка…..и едно обично ништо…а можевме сите генерации да имаме сè…барем можевме да се имаме себеси без да се “крадиме” едни од други …… и едни со други…Единствено што ни е дозволено – да “крадеме” меѓусебно е љубовта и можеме и длабоко да ја закопаме или јавно да ја покажеме…но, само таа ни е дозволена да ја “крадеме”, тивко или бурно, не е важно…само нека ја има за да не се изедеме самите себе или меѓусебе…

А, во меѓувреме ние ќе се радуваме на успесите на Медена земја, бидејќи да стигнеш до врвот, не е мала работа…напротив, сон е можеби на сите вас…затоа пробајте барем да не си ја поганите устата. Облажете се со мед, можеби ви треба шеќерна приказна за “добра ноќ”…

 

Проф. д-р Соња Ризоска Јовановска, редовен професор на Факултетот за психологија при Меѓународниот Славјански Универзитет (МСУ) „Гаврило Романович Державин“

Сподели: