Денес за првпат на македонскиот пазар на капитал е издадена државна обврзница со време на достасување од 30 години. Ова е сигнал за довербата на инвеститорите во македонската економија, бидејќи зголемената рочност, односно време за враќање на средствата, укажува на зголемена доверба. Големата доверба се покажа и преку двојно поголемата побарувачка на инвеститорите за 30-годишната обврзница во однос на понудениот износ од Министерството за финансии.
Македонија, покрај Словенија, е единствената земја во регионот која издала 30-годишна обврзница. Најблиску до оваа рочност во регионот дошле членките на Европската унија – Бугарија која издала 20-годишна обврзница и Хрватска каде најдолг рок на кој е издадена државна обврзница е 13 години.
Обврзници со достасување од 30 години имаат земји како Германија и САД. Обврзница со највисока рочност има издадено Австрија, односно 100-годишна обврзница.
-Македонската економија е повторно на вистинска патека. Економските показатели укажуваат на нејзино раздвижување. Безусловната препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, добрата фискална политика и подобрувањето на изгледот на кредитната агенција „Фич“ за Македонија, доволно говорат за патот по кој се движиме. Врз основа на сето ова може да излеземе на пазарот со инструмент како 30-годишна државна обврзница, кој укажува на силна доверба од инвеститорите. Таа исто така е показател дека македонската економија веќе се стреми кон повисоко ниво – вели министерот за финансии Драган Тевдовски.
Инвеститори во 30-годишната обврзница се приватните пензиски друштва и осигурителни компании.
-Имајќи ги во предвид обврските на фондовите, целите кон кои е насочена инвестиционата стратегија и возраста на членството на фондовите, инвестирањето во 30-годишна обврзница е од најдобар интерес на нашите членови и остварување на нивните долгорочни цели. Макроекономската стабилност и позитивните очекувања за долгорочен раст, дополнително даваат поткрепа на одлуката за инвестирање во овој инструмент – истакнаа од КБ Прво пензиско друштво.
– Го поздравуваме издавањето на триесетгодишната државна обврзница. Ние, како друштво за управување со пензиски фондови, во рамките на размената на идеи со Министерството за финансии, претходно ја истакнавме потребата од издавање на обврзници со поголема рочност, која ќе одговара на рочноста на обврските по основ на пензии за членовите на пензиските фондови со кои управуваме. Со инвестирање на дел од средствата во овој инструмент за членовите се обезбедува стабилен долгорочен принос што претставува дополнителен квалитет за портфолијата на пензиските фондови. При управувањето со средствата на нашите членови секогаш се водиме од принципите за најголема сигурност и квалитет во рамки на законските можности и дозволени инструменти за инвестирање – велат од НЛБ Нов пензиски фонд.
Новата 30-годишна обврзница е продадена на сума од една милијарда и 200 милиони денари (19,5 милиони евра), што претставува половина од побарувачката од страна на инвеститорите. Каматна стапка е 4,85%.
Покрај довербата, издавањето на долгорочни хартии од вредност го намалува ризикот на рефинансирање на јавниот долг. Така, ако во март 2012 година 92% од издадените државни хартии од вредност биле краткорочни, а 8% се со поголема рочност, во март 2018 овој сооднос е 40% краткорочни наспроти 60% долгорочни хартии од вредност.