Вести Свет

Ричард Ховит се збогува со Европарламентот, пратениците го испратија со овации

Сподели:

hobit-3

Европарламентарецот Ричард Ховит, кој беше еден од известувачите за Македонија и еден од посредниците на Договорот од Пржино, денеска се збогуваше со Европскиот парламент.

– Денеска е мојот последен ден во Европскиот парламент – една минута по 22 години. Им благодарам на сите групи во Европскиот парламент, членовите и на персоналот за сето ваше пријателство и за вашата соработка – рече Ховит.

Британскиот европратеник им се заблагодари на британската Лабуристичка партија и на групата на социјалисти и демократи во Европарламентот, на кои, како што рече, ќе им остане засекогаш лојален, како и на неговото семејство, кое присуствуваше на неговото последно обраќање.

hovit 2Европратениците од сите политички партии со овации го поздравија последниот говор на Ховит.

– Горд сум дека сум претставник на мојата изборна единица, Источна Англија. Навистина е прекрасно. Горд, како момче од работничка класа кое никогаш не се надеваше на вакво нешто, да ја претставувам ова земја и нашиот континент. Ми беше чест и привилегија да служам. Секогаш ќе се сеќавам дека бев тука во историските денови на проширувањето на ЕУ и при решавањето на конфликтите во светот. Се залагав за бизнис-одговорност во име на парламентот. Сега се впуштам во нова кариера, која е посветена на овие вредности и принципи – рече Ховит, порачувајќи дека заедно со неговата парија и земја апелираат Европа да продолжи по тој пат.

Тој истакна дека мора да преземат одговорност за поразот на референдумот во Британија за Брексит и оти жали поради конечната одлука на граѓаните за напуштање на ЕУ.

– Денеска заминувам од зградава и очекувам дека веројатно никогаш нема да се вратам како европратеник. Ако мојата земја ја направи историската грешка и ја напушти Европската Унија, јас со нетрпение ќе го чекам денот кога ќе се врати во Унијата – рече Ховит.

meta.mk

Сподели: