СЕММ: Нема место за сензационализам при семејни трагедии

Сподели

logo-semm

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагира на објавувањето видео-снимка од неодамнешниот инцидент во Куманово кога лице со автомобил прегази цело семејство, меѓу кои и малолетно лице кое им подлегна на повредите.

„Им укажуваме на медиумите дека преземањето и објавувањето на таквата содржина внесува дополнителна вознемиреност и гнев кај јавноста околу инцидентот и последиците од него. На уредниците им укажуваме дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството. Објавувањето на видео-снимката е и во спротивност со член 8 од Кодексот на новинарите, според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“, се вели во соопштението на СЕММ.

Понатаму од СЕММ укажуваат дека новинарите и уредниците треба да ја почитуваат и приватноста на личноста, што е во согласност со член 7 од Кодексот на новинарите на Македонија.

„Уште еднаш апелираме до медиумите да водат сметка за целта и последиците од своето известување, како и за публиката што ќе дојде во допир со вознемирувачката содржина. Освен тоа, им укажуваме на уредниците дека сносат одговорност што со објавувањето на таквиот материјал овозможуваат и негова понатамошна поширока дистрибуција и пристап до него од ранливи категории граѓани и малолетни лица, што би можело да предизвика дополнителна вознемиреност и последици од таквото известување“, се вели во соопштението.