Вести Македонија Ударни вести

Цвјетичанин: Дезинформациите се поддршка на одреден политички наратив

 

Тијана Цвјетичанин е дел од тимот на босанските сервиси за проверка на факти „Раскринкавање“ и „Истиномјер“, како и истражувач. Таа работи на оценување на изјавите и предизборните ветувања на политичарите, како и на медиумските содржини.

Во интервју за „Мета.мк“ објаснува каква е состојбата со дезинформирањето во Босна и Херцеговина, како и какви мерки треба да се преземат за борба против лажните вести.

На почетокот, можете ли да ни кажете неколку зборови за „Raskrinkavanje”. Знаеме дека постојат неколку типови на организации што се занимаваат со проверка на факти – некои се фокусирани на медиумите, други се занимаваат со проверката на изјавите на политичарите и нивните ветувања, и т.н. Каков тип организација е „Raskrinkavanje”?

– Ние сме дел од систем што се занимава и со едното и со другото. „Istinomjer“ се занимава со проверка на изјавите на политичарите и на нивните изборни ветувања. „Raskrinkavanje” како платформа е основано во 2017 година се занимава исклучиво со известувањето на медиумите, односно медиумски fact-checking. Значи, нешто што е објавено како медиумска информија се проверува и оценува со една од 13-те оценки што ги имаме.

Десет медиуми во БиХ кои објавиле најмногу политички дезинформации

Значи, не оценуваме само нешто што е потполно неточно, нешто што е потполно неточна и измислена информација, туку се трудиме да ги пофаќаме нијансите на различните видови манипулации или дезинформации што се јавуваат во медиумскиот простор. Имаме оценки како, да речеме, „теорија на заговор“, „псевдонаука“, „манипулација со фактите“ и низа други коишто настојуваат да го покријат целиот спектар на некоректни или залажувачки информации во медиумскиот простор.

Според Вашето искуство, односно досегашната работа на платформата, кои се најчестите дезинформации? Во Македонија, на пример, е многу честа појавата на т.н. „click-bait“ – насловот ќе почне со „Турбосензационално“, „Мегаскандалозно“, па уследува некое тврдење, а кога ќе се прочита текстот, тој најчесто е сосема коректен….

– Click-bait и кај нас е најчестиот тип дезинформација. Click-bait-от се јавува насекаде, од оние легитимни медиуми до анонимните портали коишто не се медиуми, ама така се претставуваат. Така што, тоа е најчестиот тип. Ние имаме статистика и истражување кое се појави во април годинава во кое прецизно е дадено кои видови дезинформации се најчести.

Кој е најчестиот извор на дезинформации? Дали се тоа странски извори? Сега во регионот преовладува мислењето дека се наоѓаме на линијата на фронтот на информативна специјална војна што ја водат големите сили… Дали преовладуваат домашните извори, така да се каже, дали станува збор пред сѐ за „домашно производство“ или пак за „увезена стока“.

– Зависи од тоа за кои дезинформации зборуваме. Ако станува збор за локалната политичка сцена, тогаш најчестиот извор се локалните медиуми. Ако станува збор за теми коишто се глобални, тогаше се меѓународните извори. Има и од едното и од другото.

Ако зборуваме за Босна, во нашиот медиумски простор околните држави се многу чест извор на дезинформации за политиката. Во најголем број случаи Србија, но и Хрватска, значи од регионот, од окружувањето. Ако гледаме пошироко, да речеме за вакцинирањето, теориите на заговор како што се „Фармацевтската мафија го знае лекот за рак, ама не дозволува да се дознае за него“ – тој вид приказни се глобални. Нивните извори се најчесто вон нашето говорно подрачје. Конкретно, изворите за вакви приказни се најчесто на англиски, бидејќи најголемиот дел од луѓето тука знаат да преведат од англиски, така што сопствениците на тие анонимни сајтови го имаат тоа како еден бескраен извор на глупости што ги претставуваат како вести. Неколку од тие се псевдонаучни сајтови – меѓу нив има и такви што беа поврзани со руската кампања пред изборите во САД. На пример, некогашниот сајт „Euronewswire“ е непресушен извор на дезинформации за домашните портали.

Интервјуто на Мета.мк со Тијана Цвјетичанин во целост, прочитајте го тука

Сподели: