Премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Канал 5, изјави дека сега е најважно што започна процесот за масовна вакцинација и дека се работи на тоа да се обезбедат сите услови овој процес да не биде прекинат и во таа насока се добредојдени вакцините „Спутник В“ од последната донација од Република Србија.
„Тоа ќе ни помогне да го премостиме периодот до втората половина на април, односно од 10 до 15 април кога ги очекуваме следните количини од КОВАКС механизмот, како и 200 илјади вакцини од НР Кина од „Синофарм“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев во интервјуто за ТВ Канал 5.
Ние сите би сакале дома да имаме доволно вакцини, нагласи премиерот Заев, но реалните околности се тие што се, ние треба реално да зборуваме.
„Јас изразив непријатно чувство, нема дилема околу тоа, но истовремено не смееме да ја преминеме границата и да кажеме дека државата не направила нешто што требало да направи. Државата направи сѐ што требаше да направи. Вклучени се неколку наши земји блиски партнери со кои што разговараме да се вклучат и да ни помогнат. Секако не можеме, а да не го потврдиме исклучителниот чин на солидарност, пријателство, добрососедство, која што Србија го покажа, и ние ќе најдеме начин да им се оддолжиме на граѓаните на оваа наша соседна и пријателска земја“, рече премиерот Заев и најави дека заклучно со мај во земјата ќе има околу 350 илјади вакцини со што ќе се обезбеди континуитетот на имунизацијата на повеќе категории граѓани и да се стави во завршница пандемијата.