Со свеченото отворање во текот на вчерашниот ден и со првите спортски натпреварувања што се одржаа денеска, во Токио започнаа 16. Параолимписки игри (ПОИ). Во периодот од денешниот ден па сè до 5 септември, јапонскиот главен град ќе биде домаќин на 4.403 спортисти од 162 национални параолимписки комитети, пренесува Мета.мк.
Спортистите во наредните денови ќе се натпреваруваат за 539 медали во 22 спортови, при што таеквондото и бадминтонот се дел од спортските дисциплини на кои годинава за првпат ќе се натпреваруваат параолимпијците.
Македонија на Параолимписките игри во Токио учествува со еден натпреварувач – стрелачката Оливера Наковска-Бикова, која е предвидено да има настапи во три различни дисциплини. На 31 август, таа ќе настапи во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, на 2 септември ќе се натпреварува во дисциплината спортски пиштол од 25 метри, додека на 4 септември Наковска-Бикова ќе учествува во дисциплината пиштол, слободен избор од 50 метри.
Инаку, земјава има големи очекувања од настапот на стрелачката Наковска-Бикова, која пред поаѓањето во Токио за медиумите изјави дека е убедена оти ќе се пласира во финалето на Параолимписките игри во Токио. Таа пред поаѓањето во Јапонија оствари и средба со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
„Сигурно ќе успеам да се пласирам во финале во една од дисциплините. Имам три дисциплини, три шанси, здравје боже понатаму сè е среќа. Кога се влегува во финале се почнува од нула, претходниот резултат се брише“, рече Наковска Бикова пред поаѓањето во Јапонија.
Стрелачката Наковска Бикова веќе има огромно искуство во претходните настапи на Параолимписките игри. Ова ќе биде нејзин петти настап на ПОИ, а за одбележување е нејзиниот огромен успех на игрите во Лондон во 2012 година, кога го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.