Европратениците бараат воведување визи за државјаните на САД и на Канада

Сподели

evropski-parlament-860x680

Членови на Одборот за граѓански слободи на Европскиот парламент ја повикаа Европската комисија да ги почитува правилата и да донесува привремени мерки за суспензија на безвизниот режим за граѓани во САД и во Канада, кои не го почитуваат начелото на визен реципроцитет.

Одредени светски агенции пренесуваат дека некои од европратениците изјавиле дека Европарламентот би можел да ја тужи комисијата поради непочитување на законите.

Членовите на одборот за ова прашање расправале со комесарот за внатрешни работи и за миграција на ЕУ, Димитрис Аврамопулос, кој е надлежен за прашања поврзани со визите.

Се наведува дека европските пратеници не сакаат да разговараат за можните последици од воведување визи за граѓаните на САД и на Канада и истакнуваат дека постапката е јасна кога некоја трета земја не го почитува визниот реципроцитет.

Од друга страна, европскиот комесар Аврамопулос изјавил дека тоа би било исклучително контрапродуктивно и би се залагал тоа прашање да се решава со трпелива дипломатија.

Канада бара визи за Бугарија и за Романија, а САД за граѓаните на Хрватска, Бугарија, Кипар, Полска и на Романија.

Американците неодамна усвоија закон со кој би можел да бидат засегнати земјите потписнички на Шенгенскиот договор, чии граѓани имаат двојни државјанства.

meta.mk