ГРАДСКАТА КООПЕРАЦИЈА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Градот е претворен во „кооперација“. Тоа е онаа стара добра државна селска продавница, пред која катадневно седеа алкохолизираните локални дембели, па непрестано озборуваа и знаеа сè за секого.

Александар Литовски

Денес, низ нашиот задрт град се создадени мноштво кооперации пред кои малограѓаните и потпросечните политичари катадневно седат, ждерат, пијат и озборуваат. И кројат некакви планови како да ги извалкаат, деградираат и уништат своите поспособни и чесни сограѓани. Затоа, без нималку да се погреши, може да се каже дека нашиот малициозен град е една голема кооперација.

Она што е типично за градската кооперација е патолошката потреба да се има увид во сè. Желбата да се постигне „апсолутна јавност“ на сè, во нашата љубопитна паланка е издигнато на највисок пиедестал, па нашите „богобојажливи“ и „чесни“ малограѓани се ситат на туѓите несреќа, или злорадосно се смеат или гадат за туѓите животи, или се хранат со туѓите, вистински или измислени, љубовни афери и неверства… Таа тиранија на кооперацијата е единствената константа во историјата на нашиот градски живот. И, било најтешко да се победи и промени во минатото, и ќе биде најтешко да се победи и промени во иднината.

Кооперацијата се труди да наметне свои правила. Таа не дозволува „неказнето“ некој да отстапи од ограничувањата и нормите на животот кои таа ги воспоставува. Појавата на некакви „авантуристи со слободен дух“, кооперацијата ги казнува се потсмев, потценување, изолација, сопки, финансиско уништување и протерување. Тој нормативистички дух на кооперацијата е замена за вистинскиот живот, замена за исполнето и среќно живеење. Наместо тоа на граѓаните им овозможува единствено симулација на чувствувањето и доживувањето преку „живеењето“ на туѓи животи. А, при тоа егзебиционистичко живуркање во, од нив создадената, кал од озборување, афери, клетви, злорадосни коментари, плукања, потценувања и злоба, на нашите малограѓани најбитни им се нивните секојдневни маски, нивната фасада и театралната патетичност.

Кај оние што ги зафатил духот на кооперацијата, а тоа се оние грозни типови кои, се чини, ги опрасила некаква свиња по полов однос со хиена, вредни се само оние нешта кои успеваат да создадат брзо и лесно доживување, брза и лесна возбуда. Оттука, кооперацијата ги наметнува рамнодушноста кон сè што не е во непосредниот видокруг на луѓето и разочарувањето од сè како нормални егзистенцијални категории. Од сето ова произлегува онаа секојдневна атмосфера на дефетизам и нихилизам што ја сведочиме во форма „не не бива“ и „најдобро е сите да се иселат од градот и државава“. Тој капитулантски дух, всушност, е произведен со систематска и долгогодишна „работа“ на кооперацијата и во неа заседнатите градски политичари на кои важен им е само личниот профит. Всушност, неспособните малограѓани, ситни буржуи и пакосни политичари, кои се најголемите активисти пред секоја наша градска кооперација, со дефетизмот и нихилизмот само ја покриваат сопствената неспособност, потпросечност, грдост, неморалност, религиозна затупеност, тесноградост, глупост, злобност…

Кооперацијата кај нас како нуспојави произведува и мрзеливост, презир кон знаењето и стремеж за непрекината забава со секс, дрога и алкохол. Произведува, несреќници, глупаци и осаменици. Имено, кооперацијата смета дека нам ни е иманентна немоќта да промениме нешто, па оттука, произлегува нејзиното фаворизирање на хедонизмот, ништожноста и покорноста. Фаворизирање на полтронството и лигавењето. Дури, интересно, за кооперацијата, која е крајно и одвратно религиозна самата по себе, нема ниту светост на смртта. Таа, кооперацијата, е над смртта, односно смртта е само сензација која треба да го овозможи секојдневниот живот на самата кооперација.

Кооперацијата е екстремно завидлива. Особено се завидливи кооперациите пред дувлата на политичките партии. Тамошните аналфабети, полтрони и алхохоличари им посакуваат несреќа на сите способни, чесни, трудољубиви и доблесни луѓе. На сите кои не сакаат да седат на гајбата пиво и бесполезно да се „дружат“ со нив. Покрај тоа, никој од нашите градски политички „големци“ и од имотните и полуграмотни малограѓани, заседнати пред кооперацијата, заради својата џуџеста морална, интелектуална и трудова висина, не може да се ослободи од своето медиокритетство и, оттаму, не може да го прости туѓиот успех и морален квалитет, па таму, во тој сплет на политичка моќ, финансиски можности, злоба и потпросечност, лежи, веројтано, најголемата причина за постепеното одумирање на градското во градот.

Оттука, малограѓанскиот дух на кооперацијата кој е сочинет од завидливост, некомпетенцијата, нечесност и медиокритетство, треба да изумре како што изумреа титаносаурусите. Треба да изумре под налетот на модерната животна филозофија, во која, помеѓу останатото нашите граѓани ќе почнат пофално да зборуваат за нештата и доблесните луѓе, а не за предметите и мизерните луѓе излезени од кооперацијата.