Комисијата за уставни прашања го поддржа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот

Сподели

 

Комисијата за уставни прашања денеска, со 10 гласа „за“ и 7 „против“, го поддржа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, поднесен од Владата и му предложи на Собранието на Република Северна Македонија, согласно член 131 став 1 од Уставот, да донесе одлука за пристапување кон уставни измени.

 
 
 

По исцрпувањето на листата за дискусија по Предлогот за пристапување кон уставни измени и донесувањето на Заклучокот, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како претседавач со Комисијата за уставни прашања, ја затвори првата седница на ова  работно тело, која почна денеска претпладне.

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, поднесен од Владата, со насоки за изменување и дополнување на Уставот, беше единствена точка на дневниот ред на првата седница на Комисијата за уставни прашања.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, образложувајќи ја оправданоста на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот рече дека тој е единствено и целосно во насока на остварување на нашата консензуална и врвна стратешка цел – членството во ЕУ, поставена уште од независноста на нашата земја во 1991 година. Предлогот, рече Ковачевски, е подготвен врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија, донесени на седницата на 16 јули 2022 година и Заклучоците на Советот на ЕУ и заедничкиот став на ЕУ на политичкиот состанок на меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Унијата.

 

 

Предлогот за пристапување кон уставни измени предвидува во Преамбулата на Уставот, заменета со Амандманот IV, а Амандманот IV изменет со Амандманот XXXIV, после делот од бошњачкиот народ се да се додадат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Потоа, се предлага и во амандманот XXXVI на Уставот, со кој се заменува членот 49 и Амандманот II, после делот од бошњачкиот народ да се додадат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ,словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.