Обраќање на претседателот Џафери на Конференцијата за демократија во Европа

Сподели

 

 

Претседателот Џафери се обрати на Конференцијата за демократија во Европа на тема: ,,Како можат парламентарците да помогнат во заштита и јакнење на демократијата и владеење на правото’’, во Стокхолм.

 

                        

“Во изминативе триесетина години, мојата земја, Република Северна Македонија, мина низ многу премрежија на својот демократски развој. Сепак, и покрај сѐ, еве сме денес земја која ги започнува преговорите со Европската унија за полноправно членство, земја членка на НАТО и лојален партнер на меѓународната заедница.

Улогата на парламентот и на парламентарците, во процесот на јакнење на демократијата и владеењето на правото е важна и голема и ние треба да работиме многу на јакнењето на суштинската демократија, која ќе ја чувствуваат граѓаните и конкретно, а не само формално. Формалната демократија претставува само формално-институционална рамка за демократијата, еден збир на формални правила и постапки, додека пак суштинската демократија, кон која треба да се стремиме, претставува состојба во општеството и тенденција кон постигнување на рамноправност. Оваа разлика меѓу формалната и суштинската демократија е многу повеќе изразена во земјите од Источна Европа. А во овој контекст на суштинска демократија, меѓу другото, од круцијално значење е и карактерот на Уставот, перцепцијата за човековите права, улогата на политичките партии, улогата на медиумите, граѓанското општество итн.

Ќе се задржам овде повеќе на мојата земја, РС Македонија и ќе кажам дека на патот од формална до суштинска демократија поминавме низ повеќе фази.

Со Уставот од 1991 година, земјата се прокламираше како либерално-демократска држава, заснована на начелата на демократија и владеење на правото. И покрај формалните демократски промени кои се случија кај нас во 1991 година во однос на независноста од поранешната Југословенска федерација, онаа суштинска демократизација е сепак процес за кој е потребно доста време.

Како поранешна социјалистичка земја, ние немавме традиција на практикување на демократијата како што ја имаат повеќето западни земји со долга демократска традиција. Кај нас беше потребно и сѐ уште е потребно време за етаблирање на онаа суштинска демократија, која јас ја разбирам како начин на кој политичките елити учествуваат на политички натпревар со еднакви и фер правила, каде рамноправно учествуваат во процесот на носење на политичките одлуки или, како што би рекол Абрахам Линколн, цитирам, „Демократијата е владеење на народот, од народот и за народот“.  

 

                                                      

 

Во 2001 година, се донесоа измени на Уставот со кои еднаквите колективни права на различните етнички заедници се подвлекуваат како едно од основните политички начела на државата. Во 2019 година, по консултативниот референдум за Договорот од Преспа со Република Грција во однос на името на државата, со уставни амандмани се смени името на државата во Република Северна Македонија. Сега, повторно пред нас стои „предизвик“, односно, потреба од нови уставни измени предвидени согласно преговарачката рамка со Европската унија. Тоа е всушност таканаречениот „Француски предлог“ со кој прифативме компромис и се согласивме во Уставот да ја вметнеме и бугарската заедница која живее во Република Северна Македонија. Се надевам дека оваа обврска ќе биде завршена за конечно и конкретно да ги започнеме преговорите со Европската унија.

Во развојот на демократските тенденции, пред нас како држава, како што веќе истакнав, постојат големи предизвици за чие надминување, ние како парламентарци можеме да дадеме голем придонес. Предизвиците се во неколку области како на пример:

  • поделбата на власта, каде парламентот треба да обезбеди независност и функционален систем на спреги меѓу законодавната, извршната и судската власт;
  • процесите на контрола и демократизација на политичките елити низ дебатите во политичката арена во законодавниот дом; со поддршка и усвојување на соодветната легислатива за борбата против корупцијата, за заштита и унапредување на човековите права, за негување на добрите меѓуетнички односи и дијалог, за развој на парламентарната дипломатија. Сето ова е во рацете на парламентарците и тој придонес се одразува врз развојот на демократијата. И во процесот на отвореност и демократизација кон граѓанскиот сектор, парламентите во либералните парламентарни демократии имаат важна и централна улога.

Покрај трите најважни функции како застапувањето на гласачите, донесувањето на законите и надзорот врз работењето на извршната власт преку јавните и надзорните расправи, парламентот има активна улога и во контролата и надзорот над безбедносните служби. Јакнењето на надзорната функција на парламентот и парламентарните тела е од примарно значење за неговата делотворност, отчетност и независност. Во насока на јакнењето на делотворноста на парламентарците и демократизацијата на парламентот, во Собранието на Република Северна Македонија донесовме „Етички кодекс за пратениците“, а очекувам низ политички дијалог и взаемен консензус да ги донесеме и измените во Деловникот за работа на Собранието во рамките на Процесот на Дијалогот Жан Моне со уредување на увидените нејаснотии во истиот а кои понатака произведуваат тешкотии во функционирањето на Собранието и одвивањето на  демократската дебата.

Во однос на транспарентноста на демократските процеси и отвореноста кон граѓаните, на интернет страната на Собранието на РС Македонија е активирана функционална алатка или „е-прозорец“, каде граѓаните имаат пристап  до работата на законодавниот дом и за пријавување за организирана посета на истиот. Како раководство на законодавниот дом, се залагаме за транспарентност пред сите политички и општествени чинители и отвореност за разни иницијативи на барање на граѓанскиот сектор. Истото важи за сите граѓани, и за маргинализираните групи на граѓани. За да се чуе гласот и зајакне политичкото учество на маргинализираните групи во Собранието,  во 2018 година, за прв пат е формирана меѓу-партиска парламентарна група за правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата. Со тоа се придонесува во доближување на граѓаните до нивните претставници во законодавниот  дом.

Секако, дијалогот меѓу политичките чинители во едно демократско општество има посебно место, како единствен начин во решавање на политичките недоразбирања и усогласување на различните мислења. Парламентот е сепак арена на која се вкрстуваат различните политички гледишта и интереси и сите треба да бидат слушнати. Впрочем, смислата на демократијата е токму во правото на секој парламентарец да учествува во парламентарна расправа и дијалог. Затоа е јакнењето на политичката култура клучна во развојот на демократијата.

Ќе завршам со искрена желба и надеж дека за нас, земјите од Источна Европа, нема да важи правилото дека „во демократијата, првите 100 години се тешки,“ туку многу побрзо ќе се приклучиме кон развиените демократии со долга традиција”, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.