ОЈО покрена обвинение против 7 лица за учество во насилна толпа

Сподели

 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд-Скопје, поднесе обвинителен предлог против шестемина учесници на протестите во врска со пресудата за предметот „Монструм“, за кои претходно беше поведена постапка и беше им определена мерка притвор.

Сите се обвинети за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Заедно со обвинителниот предлог, скопското обвинителство предложи и да им биде продолжена притворската мерка со цел нивно обезбедување во текот на кривичната постапка.

За истото кривично дело поднесен е обвинителен предлог и против уште едно лице, за кое обвинителството на судот денеска му предложи да определи мерка притвор, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони седумтемина обвинети, бидејќи на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица.

Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници, соопштуваат од ОЈО.​