Во Гевгелија стартува со работа новата мерна станица за квалитет на воздух

Сподели

 

Денес во Гевгелија се пушти во употреба новата мониторинг станица за квалитет на воздух со што бројот на официјалните мониторинг станици во дражавата се зголеми на 18 и една дополнителна, мобилна мерна станица. 

 

 

„Борбата за подобрување на квалитетот на воздухот во рамки на предвидените краткорочни и долгорочни активности подразбира и одржување во добра кондиција на Државниот автоматски систем за квалитет на амбиенталниот воздух, но и зголемување на бројот на мерните станици“, истакна министерот за животна средина Насер Нуредини. 

Мониторинг станицата е набавена преку проектот „Развој и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот“ кој се спроведува во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, а истиот е финасиран од Interreg-IPA CBC програмата помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција. 

За реализација на овој проект, Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка го финансираше проектот во вкупна вредност од скоро еден милион евра за двете држави, а националното кофинансирање во вредност од 15 насто го обезбеди Министерството за локална самоуправа.

Покрај набавката на мониторинг станицата, во рамките на проектот се спроведуваат и низа други активности. Направена комплетна замена на сите инструменти и во мерната станица Битола 1, и се набавени и инструменти за мерења на ПМ 2,5 честичките и тоа за мерната станица Битола 1 и за оваа во Гевгелија. Исто така, набавени се два автоматски стандардни/референтни ниско волуменски семплери за мерење на суспендирани честички (Пм10 и ПМ 2,5) и истите се поставени во близина на мерните станици Битола 1 и Гевгелија. Дополнително во рамки на проектот ќе се направи проценка на влијанието на квалитетот на воздухот врз здравјето на луѓето во прекуграничниот регион, ќе се развие здравствен индекс, ќе се зајакне прекуграничната соработка преку организирање на тематски обуки, ќе се подготват и спроведат повеќе активности за подигнување на јавна свест на граѓаните. Планираните активностите од проектот целосно се очекува да се завршат до август 2021 година.

denesmagazin.mk