Изложба на акварели на Елизабета Костова

Сподели

 

Елизабета целиот свој работен век го поминала и работела како психолог. Но таа отсекогаш била голем вљубеник во уметноста, а особено во сликарството. Таа во себе носи и голем креативен потенцијал, кој избива и е видлив, на почетокот со изработката на различни предмети од применетата уметност. Но нејзината љубов кон сликарството сепак преовладува и нејзината уметничка дарба и креативност доаѓа до полн израз кога решава да почне да слика акварел. Aкварелот е нејзината понатамошна преопукација и уметнички израз.
 
Акварелот е една од најстарите сликарски техники. Со техниката акварел сликите се прозирни, се гледа подлогата на која се насликани. Белите полиња од подлогата кои се појавуваат меѓу боите секогаш даваат впечаток на прозирност. Со оваа техника сликале меѓу другите и многу од познатите импресионисти.
Акварелот како сликарска техника со големата палета на бои Елизабета успешно го применува. Боите на нејзините акварели нежно преминуваат од една во друга боја од сина во виолетова, црвена, од зелена во сина, жолта. Со четките и боите слика се што ја опкружува, градини, цвеќиња, мртва природа, ликови на девојки, пејсажи, птици. На оваа изложба насловена „Градски импресии“ таа ни се преставува со триесетина акварели насликани последните две години, кои што преставуваат нејзини импресии и
впечатоци од градовите во кои престојувала, ги посетила или живеела. Голема инспирација и се старите македонски градови или делови од нив. Тесни улички, ниски куќи на приземје и кат, тесно збиени една до друга и со надвиснати еркери над улиците. Оџаци од кои се извива сивиот дим. Насликани се со прекрасни палети од бои, сина, зелена, лилава, жолта… црвени кровови и секако пространото сино небо над нив, кое се гледа и од уличките. И овде белите полиња на подлогата помеѓу топлите бои даваат посебна светлина. Од овие акварели зрачи и светлина и радост.
Можеби оваа тема која ја слика Елизабета преставува носталгија за старите делови од градовите како што ги паметиме, а во едно од тие маала Елизабета го поминала детството и младоста, Дебар Маало во Скопје. Можеби ова е и жал и носталгија за старите градски маала кои полека исчезнуваат и ги заменуваат модерни делови од градот со висококатници, асфалтирани улици, многу возила, темни и мрачни, сонцето одвај допира до улицата. А небото и не се гледа од улицата. Овие акварели се и носталгија за минатото кое одминува, а доаѓа сегашноста и иднината, некое ново време со друга слика на градовите.
Натка Ќосева, дипл.инж.арх.
—————————————–
Акварелните решенија на Елизабета Костова претставуваат витални и флуидни репрезентации кои осцилираат помеѓу реалното и фантастичното. Во нив се остварува прониклив дијалог меѓу виденото и споменот од чија интеракција произлегува специфичниот колорит осветлен од меморијата. Низ оваа прошетка во урбаната средина формирана од колоритни фрагменти си спомнуваме за периоди од нашето животно патешествие. Тоа се впечатоци кои не водат низ енигмата на сеќавањата, нивната веродостојност, одржливост и променливост предизвикани од временските интервали на субјективното поимање. Но, во подемот на вештачката интелигенција и наметливата информатичката презаситеност до кој степен опстанува памтењето за светот како лично искуство? Дали тоа сè почесто се истиснува и заменува со видувањата на колективната свест создадена на социјалните мрежи? Напорот кој го прави Елизабета е да ја зачува сликата на едно секојдневие кое додека се виртуализира сè помалку ни припаѓа лично и ги губи контурите на нешто допирливо и човечно.
Васко Ѓоргиев, легален застапник на ДЛУБ
Февруари 2024
 
*Eлизабета Костова е родена 1953 година во Скопје. Основно и средно образование завршила во Скопје. Дипломирала на Филозофскиот Факултет во Љубљана, отсек психологија. Реализирала повеќе самостојни изложби во Дом на АРМ, Скопје (1989 и 1991 г.), Галерија на ДЛУМ, Скопје (2002 г.), во Домот на култура Иван Мазов – Климе, Кавадарци (2020 г.), како и во Галерија КО-РА, Скопје (2019, 2020 и 2023 г.) Исто така учествувала на и на повеќе групни изложби.