ЛЕВИЦА, ЗАРЕМ НЕ? – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Ситна и површна историографска ретроспектива, што би се рекло во неколку кратки потези, на она што ни се случуваше во дваесет и пет изминати години, јасно покажува дека десницата, нејзиниот капиларен фашизам и набујаниот врховизам, најдоа плодна почва, не само заради општите политички тенденции в десно, туку и заради нашата социјалдемократска левица која водеше политики преку кои „се откажа“ од елементарните идејни левичарски постулати, од антифашизмот, од придобивките на националноослободителната и државоносна борба, од заштитата на социјалните права, од борбата против ксенофобијата и националшовинизмот… Голем дел од македонското население кое, и заради семејната традиција, имаше левичарски и антифашистички убедувања, гледајќи дека социјалдемократијата не ги споделува нивните идејни погледи и вредности, дека место да ги брани социјалните права што е основна задача на секоја левичарска партија, ги штити правата на буржоазијата, беше реално исфрустрирано и оправдано разочарано од таквите „десни политики“. Левичарските идеи беа во центарот на вниманието и беа пропагирани од ретки поединци и неколку здруженија на граѓани, пред сè, од Сојузот на борци на Македонија.

Всушност, во социјалдемократскиот мравјалник на Бихачка со години беа на дневен ред само лични прашања: кој на кого му ги „украл“ заслугите, кој, со кого и каде ја поминал ноќта, кој земал тендери и се збогатил, или кој е шпиун и одработува за политичкиот противник. Мнозина „левичари“, ја слушнале фукујамовската, глупава и погрешна, фраза за „крајот на историјата“, па почнаа да ја преповторуваат во разни варијанти, а најчесто како теза дека идеологијата е мртва. (А, тогаш, што е актуелниот неолиберализам?) Мнозина, пак, од овие „другари“ кога пропаднаа како интелектуалци, професионалци, министри, парламентарни претставници на „народот“ и локални функционери, сами себе си одредија за „животна цел“ да работат во полза на зацврстување на десничарскиот конзервативизам и капитализмот на тој начин што ќе го клеветат „комунизмот“ како тоталитаризам, а левата идеологија како утопистичка и бесперспективна, надевајќи се деку преку таквата празна демагогија ќе останат да светат како сјајни ѕвезди на македонското политичко небо. Ceterum censeo, нивната севкупна „филозофија“ беше само во функција на примарната профанопрофитерска желба да се доберат до некаква функција и таму да поминат уште неколку години од својот примитивен, беден и бесмислен живот.

Нашите „леви популисти“, со години наназад, ги земаа антикомунизмот, националшовинизмот и фашизмот, како некакви апстракни термини, како нешта што не влијаат на политичката стварност. Со години ситносопственички пресметуваа дека антикомунизмот е политички профитабилен, па затоа флертуваа со него, го толерираа, поттикнуваа и, дури, бесрамно го прокламираа. Прашањето денес е: Дали крвавиот парламентарен четврток кога го добија резултатот за реалноста на овие девијантни идејни постулати во форма на нивните скршени глави, ќе им биде доволен за да ја сфатат нивната конкретност и влијание врз политичката стварност и дали ќе престанат да ги перцепираат површно, здраво за готово, како нешто безопасно, како нешто што не го заслужува нивното внимание?

Антикомунизмот е болест и како секоја болест треба да се лечи и уништи, а не со грешни дијагнози, или лигавопрофитерски терапии, да се одржува во живот и да му се овозможува да метастазира до фашизоидност. Редно е нашиве салонски и не многу интелигентни „леви снобови“ да ја осознаат едноставната и историски многупати потврдената вистина: антикомунизмот „на крајот од филмот“ секогаш, без исклучок, ја убива, ја масакрира, целосно ја уништува левицата, било таа да е анархистичка, комунистичка, социјалистичка или социјалдемократска. Затоа, многумина оправдано и многу сериозно си го поставуваат прашањето: Зошто социјалдемократите работат на штета на сопствениот интерес, па градат антилевичарски јавен дискурс чии жртви неодбегливо ќе бидат тие самите? Што е тоа? Мазохизам? Автотрауматологија? Идиоктонија?

Од сето кажано, од сето наше историско и искуствено сознание, лесно може да се заклучи дека не само на македонската левица, туку и на македонско општество нужно потребни му се анти-антикомунизмот, антифашизмот, антинационализмот, антиклерикализмот, мирот и социјалната правда. Едноставно, нема шанси да се подобри политичката, економската и социјалната состојба на македонското општество, без ова да се направи и да се растури и уништи националистичко-антикомунистичкиот тип на држава создаден последните единаесет години.